
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, изјави дека во моментов не може прецизно да потврди дали против скопскиот апелациски судија Ѓоко Ристов биле поднесувани претставки за примање мито, нагласувајќи дека јавноста ќе добие официјален одговор откако ќе се изврши проверка во евиденциите на Советот.
Ристов е под истрага на Обвинителството откако во семејниот дом на неговите родители во Неготино беа пронајдени околу 350.000 евра, соѕидани во ѕид, за кои постои сомневање дека се нелегално стекнати.
На новинарско прашање дали Судскиот совет претходно добивал пријави или претставки поврзани со коруптивно однесување на судијата, Камбовски изјави дека не може да се сети на конкретен случај поврзан со земање мито.
„Во Судскиот совет има голем број претставки. Во моментов не се сеќавам дека имало конкретна претставка за земање мито. Колку што паметам, постоела претставка поврзана со неизземање во предмет каде што судијата требало да се изземе. За други конкретни наводи не можам да тврдам“, изјави Камбовски пред денешната седница на Судскиот совет.
Тој додаде дека не сака да дава информации кои би можеле да се покажат како неточни, поради што најави дека Советот ќе достави официјален писмен одговор до медиумите.
На дополнително прашање дали против Ристов биле поднесувани пријави од негови колеги судии од Апелацискиот суд Скопје, Камбовски одговори дека такви пријави не биле доставени.
„Од негови колеги, судии од Апелацискиот суд, досега немало пријави до Судскиот совет. Имало претставки, вклучително и анонимни, но не и формални пријави од колеги судии“, истакна Камбовски.
Во врска со актуелната истрага, претседателот на Судскиот совет информираше дека Советот постапил по барање на Основниот кривичен суд Скопје и му го одзел имунитетот на апелацискиот судија, со што е овозможено спроведување на предлогот на Обвинителството за определување куќен притвор и мерки на претпазливост.

