Утрински Весник
Свет

Во Португалија приведени 37 неонацисти

Portugalija.webp.webp

Португалската полиција приведе 37 лица осомничени дека се дел од организација, која ширела неонацистичка, расистичка и ксенофобична пропаганда и користела говор на омраза против имигрантите.

Осомничените, на возраст меѓу 30 и 54 години, имаат историја на сериозни кривични дела и врски со меѓународни групи кои промовираат омраза, соопшти полицијата. Петнаесет од приведените веќе биле обвинети.

Во операцијата спроведена низ цела земја учествувале околу 300 полицајци, кои извршиле претреси на 65 локации, при што е запленет е пропаганден материјал поврзан со крајната десница, како и оружје.

Според полицијата, приведените создале криминална организација, чија цел била да промовира говор на омраза и насилство врз расна основа.

Според локалните медиуми, групата била поврзана со затворениот Марио Мачадо, познат во Португалија по расистички дела придружени со насилство. Жртвите на криминалната група беа претежно имигранти од муслиманските земји во Јужна Азија.

Бројот на странци изминатите години нагло се зголеми во Португалија со доаѓањето на голем број работници од Индија, од Бангладеш и од Пакистан. Во Португалија на крајот од 2024 година бројот на странци надмина 1,5 милиони луѓе, што е што е околу 15 проценти од вкупното население на земјата. Изминатите години забележан е пораст на ултрадесницата во земјата.

Можете да прочитате

Судири помеѓу полицијата и земјоделците пред ЕП во Стразбур

Британската влада одобри Кина да почне со изградба на нова амбасада во Лондон, една од најголемите во светот

Владата на Полска планира да ја укине вонредната помош за Украинците