
Пишува: проф. д-р Јове Кекеновски
Како функцијата од „голтар“ прави недопирлива елита
Вчерашната вест во дел од медиумите за апсење за затајување данок одекна тивко, речиси рутински. Медиумите објавија дека, наводно, меѓу уапсените за злосторничко здружение за затајаување на данок има и поранешна пратеничка, сопственик на бензински пумпи, сопруга на познат доктор и др.. За некого шок. За мнозинството само уште една потврда дека ништо повеќе не нè изненадува.
И токму тука е најголемиот проблем. Не во апсењето, туку во нашата навикнатост.
Ова не е приказна за една личност, ниту за една партија. Ова е приказна за матрицата. За системот што со години произведува исти ликови со различни имиња. Луѓе што влегоа во политика како „обични смртници“, а излегоа како недопирлива елита.
Во оваа држава постои најбрза трансформација што човек може да ја доживее. Таа не е духовна, не е интелектуална, таа е политичка. Се случува во моментот кога некој од никој и ништо ќе седне во фотелјата на власта.
Вчера беше човек од народот. Денес бренд. До вчера одеше во опинци. Денес носи италијанска брендирана облека. Вчера не знаеше како да стигне до Дојран, до Сарај. Денес секој викенд е по луксузни одморалишта, со авиони, хотели и сметки што чинат колку нечија годишна плата.
Функцијата кај нас не е одговорност, таа е старт-ап. Политиката не е служба, таа е инвестиција со брз и сигурен поврат. Одеднаш се возат бесни коли, се купуваат имоти, се отвораат фирми на име на роднини, пријатели, кумови. Луѓе што вчера позајмуваа пари за кафе, денес зборуваат за „успешни бизнис-проекти“ и „лична визија“. Буџетот станува приватна каса, а државата ресурс што треба да се исцеди. Тие со нивната два кренати прста ни ја крираат иднината.
Промената најлесно се гледа во односот. По погледот од горе надолу. По игнорирањето на поранешните другари. По ладниот поздрав, ако воопшто го има. Луѓето со кои делеле мака, сиромаштија и пиво во пластика од два литра, стануваат срамно минато. Потсетник дека некогаш биле „обични“. А „обичното“ повеќе не им прилега на новиот имиџ. Тие од позиција на функционер наеднаш се вмешуваат во сите пори на општеството. Сè знаат, сè можат, сè сакаат да контролираат. Законот не е правило, туку пречка. Институциите не се коректив, туку декор.
И затоа повеќе нема да се чудиме зошто преку ноќ се прилагодија по бричење да не става евтина ракија за дезинфекција, туку најскап парфем или на тоа колку брзо го совладаа вкусот за брендирана облека, часовници и луксуз, а никогаш не го совладаа вкусот за одговорност, мерка и морал?
А како круна на таа нивна дрскост и неодговорност, дојдоа и измените на Кривичниот законик пред скоро две години и повеќе. Самоамнестија, маскирана како реформа. Јасен и безобразен сигнал дека во оваа држава не само што може да се краде, туку може и да се прости сам на себе. Порака без срам: ние крадеме, ние носиме закони и ние се амнестираме. Тоа не е правна држава тоа е институционализирано безумие. Кога тие што треба да одговараат си го кројат законот по сопствена мерка, тогаш корупцијата не е отстапување, туку правило. Тогаш апсењата стануваат исклучок, а не систем. И тогаш граѓанинот со право прашува: зошто да веруваме во правда што важи за сите, освен за оние на власт?
Но затоа, неодамнешните апсења на актуелни функционери фатени во земање мито се редок, но јасен пример како треба да функционира една држава. Надлежните не смеат да чекаат некој да ја заврши функцијата, па дури потоа да „соберат храброст“ да покренат постапки. Правдата што чека не е правда, туку калкулација. Апсењето додека си на функција испраќа јасна порака: фотелјата не е штит, а мандатот не е имунитет.
И кога ќе се изгаснат светлата, кога ќе заврши функцијата, сценариото е речиси секогаш исто. Овие голтари кои глумеле елита остануваат сами. Како Робинсон Крусо на пуст остров. Опкружени со богатство што повеќе никого не импресионира и со свет што веќе не им се јавува. Телефонот што некогаш ѕвонеше без престан сега молчи. Пријателите исчезнаа заедно со моќта која ја добија преку ноќ.
Но, за жал ретко кој навистина одговара за сторените злодела. Само мал процент ќе види судница. Останатите мирно уживаат во она што го „сработиле“ додека биле на функција. И токму тука доаѓаме до најопасното прашање:
Кој им ја всади матрицата ,,Кради додека можеш, а ако те фатат, ќе се договориш’’? Дали тоа стана непишано правило? Дали тоа е системот што го прифативме со рамнодушност? Затоа што најголемиот сојузник на корупцијата не е моќта, туку навиката. Навиката да гледаме и да молчиме. Навиката да велиме „сите се исти“. Навиката да се чудиме кратко и да продолжиме понатаму.
Власт без одговорност не е власт, тоа е грабеж. А држава во која политичката функција е најбрз пат од опинок до луксуз е држава што самата се распродава. Прашањето не е дали ќе има уште вакви апсења и уште вакви трансформации. Прашањето е едноставно: до кога ќе гледаме и ќе молчиме додека тие што останале неказнети или благо казнети и понатаму ни ја кројат иднината?
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

