Утрински Весник
Свет

Национален ден на жалост во Швајцарија по трагичниот пожар во Кран-Монтана

Krans montana.jpg

Комеморација за жртвите од пожарот во бар во Кран-Монтана се одржа денес во Мартињи. Швајцарскиот претседател порача дека земјата мора да извлече поуки од смртоносната трагедија. Властите на кантонот најавија итни и построги безбедносни мерки, меѓу кои и забрана за употреба на пиротехника во барови, ресторани и ноќни клубови. 

На комеморацијата присуствуваа претседателот на Швајцарија Ги Пармелен и државниот врв на земјата, како и претставници од повеќе од 30 држави, меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон, италијанскиот претседател Серџо Матарела и други европски официјални лица, главно од земји чии државјани настрадаа во пожарот.

Точно во 14 часот, на почетокот на комеморацијата, се огласија црковните ѕвона низ цела Швајцарија, а истовремено во земјата беше одржана и минута молк.

Комеморацијата првично беше планирана да се одржи во црква во Кран-Монтана, но поради лошите временски услови беше преместена во Мартињи, кој исто така се наоѓа во кантонот Вале. Програмата на церемонијата вклучуваше обраќања на официјални лица и пригоден музички дел.

Во главниот град Берн, знамињата на сите владини објекти беа спуштени на половина копје, а истото го направи и Канцеларијата на Обединетите нации во Женева.

Претходно, во обраќање до нацијата, претседателот Пармелен изрази сочувство до семејствата на жртвите и нагласи дека Швајцарија има обврска да спречи повторување на слична катастрофа, пренесе „Свис инфо“.

Им должиме на погодените, на нивните семејства и најблиски почит, сеќавање и обврска да направиме сѐ што можеме за да се осигураме дека ваква катастрофа нема да се повтори, изјави Пармелен.

Тој додаде дека властите истражуваат до кој степен биле занемарени безбедносните прописи и дека одговорните ќе сносат последици. Воедно им оддаде признание на сите кои учествувале во спасувачките и хуманитарните активности, нагласувајќи дека ниту една земја не може сама да се справи со ваква трагедија.

Можете да прочитате

Орбан: Глобална трансформација е пред нас

Автобус со речиси 50 луѓе се запали на автопат во Романија

Икс го промени емоџито за иранското знаме во знаме на поранешната иранска монархија