
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) ја заокружува 2025 година со историски рекорд во наплатата на патарини. Заклучно со 23 декември, во државната каса од патарини се слеале вкупно 4.158.914.362 денари, односно приближно 67.624.624 евра.
Според директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, овој резултат ја прави 2025 година апсолутен рекордер, надминувајќи ги сите претходни години уште пред официјалниот крај на календарската година. Податоците покажуваат дека наплатата заклучно со 23 декември е зголемена за повеќе од 71 милион денари во споредба со вкупната наплата во целата 2024 година, која исто така беше рекордна, а со оглед на засилениот празничен сообраќај до крајот на декември, се очекува конечната разлика да биде уште поголема.
Анализата на податоците укажува на континуиран и значаен раст на приходите во последните пет години, кој се должи на зголемениот обем на сообраќај, зголемувањето на цените во изминатиот период, но и на подобрената ефикасност на електронската наплата, како и на иницијативата „Отворен Балкан“, која започна со примена во летото 2023 година. Приходите од патарини по години изнесуваат: 34.029.562 евра во 2020 година, 46.401.122 евра во 2021, 53.242.070 евра во 2022, 62.077.966 евра во 2023, 66.463.963 евра во 2024 и 67.624.624 евра во 2025 година заклучно со 23 декември.
Покрај финансиските резултати, ЈПДП презема значајни чекори кон модернизација на системот за наплата. По спроведен јавен повик, склучени се договори за дистрибуција и наплата на електронски уреди со двата најголеми телекомуникациски оператори – А1 Македонија и Македонски телеком. Во моментов се врши интеграција на апликативните софтвери меѓу ЈПДП и правните лица за пуштање во употреба на услугите со М-ТАГ, информираат од претпријатието.
Овие измени станаа можни откако Собранието во јуни годинава го измени Законот за јавни патишта, дозволувајќи надворешни оператори да вршат продажба и надополнување на електронските уреди, услуга која досега беше достапна исклучиво во просториите на ЈПДП. Се очекува новиот модел значително да го намали времето на чекање, да ја зголеми употребата на електронската наплата и да овозможи побрз проток на возила на наплатните рампи.


