Утрински Весник
Македонија

Во Собранието денес ќе се бираат нови министри

Sobranie 1.webp.webp
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Собрание на Република Северна Македонија денеска ја одржува 75. седница, на чиј дневен ред се наоѓа изборот на нови министри за европски прашања и за животна средина и просторно планирање.

Како прва точка е ставен Предлогот за разрешување на Орхан Муртезани од функцијата министер за европски прашања. За нов вицепремиер и министер за европски прашања Владата го предлага пратеникот и поранешен министер за здравство Беким Сали.

Кадровските промени во Владата следуваат по локалните избори одржани во октомври, по кои Изет Меџити ја презеде градоначалничката функција во Општина Чаир. Тој претходно ги извршуваше функциите прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање. За нов министер во овој ресор е предложен поранешниот владин портпарол Муамет Хоџа.

Покрај изборот на нови членови на Владата, пратениците ќе расправаат и за Предлогот за именување на неизвршен член на Народна банка на Република Северна Македонија, како и за неколку законски предлози по скратена постапка.

На дневен ред се и Предлог-законот за ратификација на Дополнителниот протокол 7 за решавање спорови на Договорот за изменување и пристапување кон Централноевропскиот договор за слободна трговија, задолжувањето на државата со заем кај Европска банка за обнова и развој за проектот „Обновување на товарниот возен парк“ на Железници на Република Северна Македонија – Транспорт АД Скопје, како и измените на Законот за игрите на среќа и Законот за данокот на додадена вредност.

Пред пратениците се и повеќе предлог-одлуки за одобрување годишни програми за работа на институции, меѓу кои програмите на Агенцијата за пошти и Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2026 година, како и Ревидираната фискална стратегија на Република Северна Македонија за периодот 2026–2030 година.

Можете да прочитате

(Видео) Педијатар Атанасова: Здрава исхрана и витамини помагаат во борбата против последиците од загадувањето

Тетовци сакале да лажираат сообраќајка, полицијата им поднесе кривични пријави

Николоски: Владата ќе донира 100 нови комби возила за Поштa