
Пишува: Фатмир Битиќи, пратеник во македонското Собрание
Кога една власт постојано зборува за „стабилност“ и „ред“, а истовремено владее со институционален молк и тајност, тогаш не може да зборуваме за стабилност, туку за потиснат страв од вистината, од граѓаните, од дебатата, страв од моментот кога реалноста ќе се судри со политичката ПР проекција. Последните неколку недели, темите за мигрантите, за Буџетот за 2026 година, за испразнетата државна каса, само го потврдуваат препознатливиот стил на владеење на ВМРО-ДПМНЕ со неформални договори, зад затворени врати, со политички спектакли и егзистенцијална потреба да се контролира наративот, а не реалноста.
Темата за мигрантите влезе на голема врата токму во таков поставен контекст, но не како дел од сериозна јавна политика, туку како подарок за ксенофобичниот популизам. Наместо да се зборува за правила, за обврски и за модели, почна да се зборува за „туѓи луѓе“, како општествен императив се отвори прашањето за тоа кого сакаме, а кого не сакаме да гледаме во нашата татковина. ВМРО-ДПМНЕ денес сака да се прикаже како сила што „враќа ред“ и „штити национални интереси“. Но, ако внимателно го анализираме нивниот стил на управување, ќе видиме дека суштината не е во редот, туку во контролата. Контролата врз институциите, врз парламентот, врз медиумите, врз јавниот говор. Таму каде што има потреба од целосна контрола, по правило недостасува доверба во сопствениот политички став, во сопствените аргументи, во институциите со кои раководат.
Во овој амбиент треба да се чита и резолуцијата за мигрантите, која владејачкото мнозинство ја донесе во Собранието. На прв поглед, таа изгледа како обид да се „смири“ јавноста и да се стави „точка“ на шпекулациите. Но, ако се погледне повнимателно, ќе се види дека резолуцијата има три многу јасни намени.
Прво, да ја претстави опозицијата како извор на нестабилност, затоа што таа се опишува како актер што „создава паника“, „нарушува јавна стабилност“ и дејствува спротивно на Кривичниот законик и други закони. На овој начин, политичката критика, без разлика дали некому му се допаѓа или не, власта ја турка кон рамката на потенцијално нелегално дејствување. Неподготвеноста да се учествува во натпревар со аргументи, се компензира со обид за дисциплинирање на критиката и замолчување на различното мислење. Дијалогот и дебатата стануваат политички непожелни.
Второ, резолуцијата амнестира, односно истата ја ослободува власта од потребата за објаснување. Со формулации од типот „ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови“, владејачкото мнозинство се обидува да се прогласи за единствен веродостоен извор на вистината. Ако тие кажат дека „нема ништо“, тогаш, според нивната логика, дебатата е завршена. Во оваа атмосфера на цензура, секој што прашува по автоматизам се изложува на можноста да се трансформира во „дезинформатор“.
Трето, резолуцијата се обидува да ја затвори темата миграција како легитимна политичка тема. Со тврдeњето дека се „става крај на шпекулациите и лажните сценарија“, се испраќа порака дека понатамошна дебата е непожелна, па дури и сомнителна. Но, миграцијата не е епизодна тема што може да се затвори со една одлука во Собранието, таа е глобален феномен, регионален притисок и домашна реалност. Кога доминантна политичка тема станува „дали ќе дојдат туѓи луѓе“, а не „како и под кои правила ќе управуваме со миграцијата“, неизбежно се раѓа политика на страв од „другиот“, кој ја истиснува солидарноста, правото и рационалната анализа. Мигрантот престанува да биде човек со име, со биографија, со права, тој се трансформира во симбол на закана, нестабилност и „туѓо влијание“.
Во исто време, реалноста во Македонија е многу конкретна и многу далеку од реториката. Државата демографски старее, работоспособното население се намалува, масовното иселување создава празнини во клучни економски сектори. Над 100.000 луѓе работат во неформалниот сектор, без придонеси, без елементарна сигурност. Скоро половина од нив се во земјоделство, значаен дел во градежништво. Тоа е економијата во сенка во која се мешаат сиромашни домашни работници, сезонци, но и мигранти кои веќе се присутни, невидливи во статистиките, но многу видливи во секојдневието на реалниот сектор од економијата. Со други зборови, миграцијата кај нас не е само политичка тема, таа е и економски факт. Може да ја потиснуваме од јавниот разговор, но не можеме да ја избришеме од реалноста и токму затоа овде се открива големото политичко лицемерие на јавната сцена. Додека агресивно гласно се декларира „против мигрантски кампови“, „против сместување“, „против прием“, тивко се толерира економски модел кој се потпира на евтин, често нерегулиран и експлоататорски труд на наши државјани и странци.
Стравот од мигрантите, во ова сценарио, може да се препознае дека има двојна улога. Од една страна, служи како идеален параван за дефокусирање, односно додека јавноста се дели и расправа околу изрази како „кампови“, „депортации“ и „туѓи криминалци“, останува многу помал простор за прашања околу празниот трезор, долговите, условите под кои се реализираат новите задолжувања, инфлацијата и другите проблеми кои го немилосрдно го разјадуваат стандардот и квалитетот на животот во нашата татковина. Од друга страна, стравот создава атмосфера во која е полесно да се прифатат ограничувања, да се релативизираат човековите права и да се нормализира јазикот на исклучување и стигма. Тоа е политички рецепт што краткорочно носи поени, но долгорочно создава длабоки рани во општеството.
Мојата политичка и човечка увереност е дека нашето општество заслужува повеќе од молк и страв. Граѓаните заслужуваат вистина, дури и кога таа е непријатна, сложена или кога бара напор за да биде „проголтана“. Мигрантите заслужуваат да не бидат претворени во симболичка фигура за туѓи политички битки, туку да се гледаат како луѓе чии судбини мора да се оценуваат низ призмата на правото и достоинството. ВМРО-ДПМНЕ можеби верува дека со резолуции, со силни зборови и со контролирани информации ќе ја зацементира својата моќ. Но секој систем изграден на страв од вистината на крај паѓа под тежината на сопствените лаги. Секоја власт што се плаши од прашања, на крај се соочува со многу повеќе прашања, но во тој момент нема да има повеќе кредибилитет да одговара.
Ако има нешто што навистина треба да нè загрижи, тоа е фактот дека ксенофобичниот наратив станува заеднички политички јазик во кој удобно се сместуваат повеќе актери. Секој пат кога мигрантот ќе биде претворен во закана, а не во човек, секој пат кога ќе се собираат поени на страв од „различниот“, а не на идејата за инклузија и еднакво достоинство, ние како општество капитулираме пред најниските инстинкти што ВМРО-ДПМНЕ свесно ги мобилизира. Ова не е игра во која има невини учесници, односно секој политички чинител кој свесно или од комотност ја прифаќа таа рамка, ја храни истата спирала на страв, поделби и исклучување. Ако нешто итно ни треба, тоа е прецизно повлечена политичка граница дека ксенофобијата не е легитимна политичка алатка и дека инклузијата, а не исклучувањето, е единствената позиција што му доликува на општество кое сака да се нарече европско и демократско.
Затоа, прашањето денес не е само што прави ВМРО-ДПМНЕ, туку што правиме сите ние додека стравот станува официјален политички јазик. Дали ќе прифатиме мигрантите да бидат удобен непријател за дневна употреба, или ќе инсистираме политиката да се врати на теренот на факти, права и достоинство за секој човек? Дали ќе останеме неми додека ксенофобијата се нормализира, или јасно ќе кажеме дека инклузијата и еднаквоста не се слабост, туку единствениот пат напред за едно зрело општество? На крајот, сè се сведува на едно едноставно, но непријатно прашање: на чија страна сме?



