
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против пет лица поради основано сомневање дека, како соизвршители, сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик.
Според Обвинителството, осомничените ја злоупотребиле службената должност со тоа што не ја известиле Владата на Република Северна Македонија за реалната состојба во Јавното претпријатие за берзанско работење „Агро берза“ – Скопје, иако биле обврзани да го сторат тоа. Станува збор за периодот од 2019 до 2021 година, кога бил утврден неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен, но наместо точни информации, до Владата биле доставени погрешни и неточни податоци, спротивно на Законот за стоковните резерви.
Еден од осомничените, надворешен соработник и вешто лице ангажирано преку Бирото за процена, постапил спротивно на Законот за процена и спротивно на договорот со Бирото за судски вештачења. Тој изготвил вешт наод со невистинити податоци, без да ги земе предвид сите релевантни информации и документација од Агенцијата за стоковни резерви и од „Агро берза“.
Вештиот наод бил приложен кон информацијата што била доставена до Владата, а Владата ја прифатила. На тој начин Агенцијата за стоковни резерви била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони пченица и 500 тони јачмен, со вкупна вредност од 29.112.000 денари (473.365 евра).
Според цените по кои биле набавувани пченицата и јачменот во 2022 година, вредноста на отпишаното жито достигнувала 48.000.000 денари, односно 780.487 евра, што претставува штета за Буџетот на Република Северна Македонија.
Бидејќи станува збор за дело кое се гони во скратена постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост за сите осомничени – одземање на патна исправа и задолжително јавување во суд.

