Утрински Весник
Македонија

Тренчевска: Владата крати пари за најранливите во Буџетот, социјалната заштита под удар

Jovana t sdsm.jpg

Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, во своето обраќање пред собраниската Комисија за финансирање и буџет истакна дека предлог-буџетот за 2026 година кој го предлага Владата не само што не обезбедува фискална консолидација, туку ја продлабочува фискалната нестабилност и создава сериозни ризици за економијата и граѓаните.

Наместо реални реформи и стабилност, буџетот нуди нереални проекции, енормно задолжување и директно прекршување на фискалните правила утврдени со Законот за буџети.


„Владата проектира дефицит од 3,5% спротивно на законскиот лимит од 3%, што претставува уште едно нарушување на фискалната дисциплина, а проекциите за раст и инфлација воопшто не се во согласност со податоците на Народната банка и ММФ. Тоа потврдува дека буџетот се темели врз нереален оптимизам и лажна слика за стабилност”, нагласи Тренчевска.

Таа потсети дека иако буџетот е наречен „развоен”, капиталните инвестиции се намалени за речиси 7 милијарди денари во однос на 2025 година, а реализацијата на капиталните расходи „до овој момент изнесува само 46%, што ја разобличува предизборната реторика за ‘градежна офанзива’”.

Тренчевска особено нагласи дека најголемиот удар во буџетот е направен врз Министерството за социјална политика, демографија и млади.

„Иако формално буџетот изгледа зголемен, суштинската анализа покажува дека средствата за најважните програми се драстично скратени. Се кратат надоместоците за лицата со попреченост, за децата, за болните и изнемоштени, за примателите на гарантирана минимална помош, за детските и образовните додатоци, за старите лица и за сите ранливи категории. Намалувањето изнесува скоро 2 милијарди денари”, истакна Тренчевска.

Таа додаде дека Владата кратела и средства за социјални услуги, деинституционализација, заштитни друштва и блок-дотации за градинките, што директно ќе ја влоши состојбата на терен.

„Во 2026 година нема да има ниту зголемување на правата од социјална и детска заштита, и покрај ветувањата и амандманите што Владата ги користеше за предизборни цели”, рече пратеничката на СДСМ.

Тренчевска предупреди дека проектираниот трансфер кон Фондот за пензиско осигурување достигнува повеќе од 62 милијарди денари, односно 1 милијарда евра – највисок досега.
Ова, според неа, „ја разголува несериозноста на владините политики кои го зголемија дефицитот на фондот за само 16 месеци од 32,5 на 45%”.

„Со ваквото зголемување се нарушува стабилноста на фондот и се доведуваат во неизвесност сегашните и идните пензионери”, посочи Тренчевска, додавајќи дека оптималниот сооднос за стабилен пензиски систем е 3:1, а овој сооднос ќе продолжи да паѓа со оглед на најавените затворања на компании и отпуштања на околу 1.000 работници, како и отпуштањата во текстилната индустрија„ истакна пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.

Можете да прочитате

Одбиено барањето на Камчев за враќање на 1,5 милиони евра во „Рекет“, одлучи Врховниот суд

Лишен од слобода турски државјанин баран со потерница

Мојсоска: Мицкоски и СДС си го делат бизнисот со струја – ЕСМ тоне, тие се богатат