Утрински Весник
Македонија

Министерството за јавна администрација го започна првиот циклус на генерички обуки за административни службеници

Image 2025 09 18 130826646.png

Министерството за јавна администрација денеска го одржа првиот дел од најголемата програма за професионален развој на административни службеници во историјата на државата. Генеричките обуки кои се спроведуваат под слоганот “Инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор” во првата фаза ќе опфати 1.000 службеници од различни институции. Првите обуки започнуваат во Скопје со учество на над 500 административни службеници кои ќе минат низ систематски и стандардизирани тренинзи.

На свеченото отворање, на кое присуствуваа претседателот на Владата, проф. Д-р. Христијан Мицкоски, бројни министри, претставници на дипломатскиот кор, претставници на меѓународните и граѓанските организации и останати гости, свое обраќање имаа претседателот на Владата, проф. Д-р. Христијан Мицкоски и министерот за јавна администрација, Горан Минчев кој истакна дека генеричките обуки се првиот чекор кон создавање професионална, етичка и одговорна администрација која работи во служба на граѓаните.


„Тие се првиот чекор кон создавање службеници што ќе ја познаваат суштината на јавната служба, професионалност, етика, одговорност, транспарентност. Без овие основни вредности, ниту еден закон, ниту една стратегија, ниту една визија нема да може да се реализира. Но, она што е особено важно е дека овие обуки не се само за административните службеници – тие, пред се, се во функција за граѓаните. Со овие обуки ние инвестираме во вработените, затоа што посилна и пообучена администрација значи посилна и поуспешна држава за сите нас“, нагласи министерот Горан Минчев во своето обраќање пред гостите и учесниците во обуката.

Министерот ја нагласи и важноста на Академијата за јавни службеници, прва институција од ваков вид во земјата, која ќе претставува „срце на модерната администрација, куќа на знаењето и лабораторија на нови идеи“.

„Со зајакнување на знаењето на службениците, ја зајакнуваме државата.“ порача министерот во своето обраќање.

Министерот нагласи дека во министерството посветено се работи и на усогласување на законската регулатива со онаа на Европската унија во делот на јавната администрација.

„Сакам да потенцирам дека историски исчекор во реформата претставува донесувањето на пакетот реформски закони – Законот за вработени во јавен сектор, Законот за административни службеници, Законот за инспекциски надзор и Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници. Овие четири закони се темелот на новата визија и претставуваат почеток на севкупната реформа на јавната администрација во нашата држава.“, нагласи министерот Минчев во своето обраќање.

Обуките се реализираат со поддршка на меѓународни партнери и експерти, вклучувајќи ја и соработката со РЕСПА, ЦЕФ, Агенцијата за стручни обуки од Франција, Вита институтот и Економскиот факултет при УКИМ.

Покрај обуките што се реализираат во Скопје, во наредните месеци ќе се спроведуваат и регионални обуки во источниот, полошкиот и пелагонискиот регион, со цел да се опфатат сите административни службеници во земјата.

Можете да прочитате

СДСМ: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се креатори на најтемниот партизациски мрак во историјата на државата

Мојсоска: ДПМНЕ потврди дека неовластено ја следи Левица, сега проверете ги сметките и на Заеви

Професор д-р Александар Чапароски поканет како експерт на 50. Конгрес на Романското здружение на неврохирурзи