Утрински Весник
Македонија

(Фото-Видео) Скопје во чад и мирис на пластика

Whatsapp image 2025 09 10 at 23.51.09.jpeg

Жители на скопските населби Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода, Пинтија, Центар, Бит Пазар, Чаир и Драчево вечерва алармираат дека воздухот е исполнет со чад и силен мирис на изгорена пластика. Дел од граѓаните велат дека „во Аеродром не се дише“, а на социјалните мрежи се појавија пораки со апели за итна евакуација и дури барања за прогласување на вонредна состојба.

„Ова е гасна комора, ова е за вонредна состојба“, коментираат загрижени жители, кои стравуваат за своето здравје и здравјето на своите најблиски.


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека официјалните мерења не покажуваат алармантни параметри, но истакна дека е „лошо што се прави тоа“ и праша „кому му одговара ова да се случува токму сега“.

Од друга страна, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, потврди дека изворот на чадот е пожарот во депонијата „Дрисла“, кој избувна вчера околу 15:15 часот и сè уште е активен. Тој објасни дека обидите за гаснење со вода не дале резултат, па од денеска се применува метод на затрупување на најкритичните делови.

Ситуацијата ги извади на површина хроничните проблеми со управувањето на отпадот и заштитата на животната средина во Скопје. Пожарите на депониите не се новост, но нивните последици се директна закана за здравјето на граѓаните, особено на децата, повозрасните и лицата со хронични болести.

Европските и светските здравствени експерти препорачуваат граѓаните да останат во затворени простории со затворени прозорци, да користат прочистувачи на воздух, а доколку мора да се излезе надвор, задолжително да се носат заштитни маски од тип NK95/KN95.

Граѓаните со право бараат одговорност и транспарентност од надлежните институции, како и конкретни мерки за решавање на овој горлив проблем кој повторно ја става главниот град во состојба на страв и неизвесност.

Можете да прочитате

Бети Стаменковска кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кисела Вода, во Кочани ќе го поддржат Влатко Грозданов

Македонец лежи затвор за учество во војната во Украина – РСЕ го посети во „Идризово“

Шукова: Мицкоски живее во паралелен свет каде горењето отпад не загадува