
Пишува: Проф д-р Јове КЕКЕНОВСКИ
Долго време во јавноста постоеше впечаток дека одредени поединци, особено оние со политичка или институционална моќ, се недопирливи за законот. Практиката на селективна правда (кога законот строго се применува за едни, а се игнорира за други) остава длабоки последици врз довербата во институциите и правниот систем. Кога институциите одлучуваат да постапуваат против свои функционери или лица блиски до власта поради недолично или незаконско однесување, тоа претставува важен сигнал. Тоа не е само дисциплинска мерка или судска постапка, туку порака дека правдата нема партиска или лична боја.
Селективното гонење носи повеќеслојна штета: Најнапред, ерозира довербата во правниот систем. Кога граѓаните гледаат дека истите закони не важат за сите, се создава чувство на неправда и безнадежност. Во таква атмосфера, институциите губат легитимитет, а граѓаните сè повеќе се оддалечуваат од процесите на одлучување.Второ, се поттикнува неказнивост. Ако поединци се заштитени поради својата политичка или бизнис позиција, се испраќа сигнал дека одредено однесување е прифатливо доколку имаш „правилни“ врски. Ова создава култура во која прекршувањето на законот станува норма, а не исклучок. Трето, се создава политичка и општествена поларизација. Наместо обединување околу владеењето на правото, општеството се дели на табори. Политичките противници се гледаат како заканa која треба да се уништи, а не како конкуренција во демократски процес. Четврто, го кочи економскиот развој. Инвеститорите избегнуваат средини каде што правната сигурност е непостојана и зависна од политички влијанија. Економската стабилност е тесно поврзана со независноста на судството и предвидливоста на законите.
Ќе се обидам на кратко да претставам неколку држави кои го решија овој голем проблем:
Италија – Во 1990-тите, операцијата Mani Pulite (Чисти раце) започна како истрага против корупција во јавните набавки. Она што ја направи историска е подготвеноста на обвинителите да одат против функционери од сите политички партии, што доведе до целосно преструктуирање на политичката сцена.
Јужна Кореја – Неколку поранешни претседатели, како Пак Геун-хје и Ли Мјунг-бак, беа процесуирани и осудени за корупција. Пораката беше јасна: државната функција не е заштита од кривична одговорност.
Романија – Националната дирекција за антикорупција (DNA) водеше истраги против министри, градоначалници и бизнисмени блиски до сите големи партии. Иако имаше политички притисоци, континуитетот во гонењето создаде значително повисока доверба во институциите.
Кога има подготвеност да се процесуираат случаи без оглед на функцијата, позицијата или партиската припадност, тоа претставува клучен чекор во зајакнувањето на институциите. Отворањето на сите предмети, без нивно заташкување или „чување во фиока“, гради доверба кај јавноста и испраќа порака дека законот важи за сите.
Вистинската трансформација не доаѓа преку јавни ветувања, туку преку конкретни постапки. Државата не се гради врз заштита на поединци или групи, туку врз принципи, ред и одговорност. Онаму каде што институциите се независни, граѓаните се сигурни дека ќе бидат заштитени од неправда без разлика кој е на власт.
Во нашата држава предолго важеше правилото „своите се недопирливи, туѓите се непријатели“. Во изминатите години, за време на владеењето на СДСМ и ДУИ, ретко или воопшто немаше случаи кога функционери од владејачките структури беа предмет на истрага или санкции. Истовремено, политичките противници често беа апсени во рани зори, пред очите на своите семејства, а судските сали се претвораа во сцена за политички спектакли.
Во овој контекст, последните потези на актуелната власт претставуваат преседан. Разрешувањето на командирот на полицијата во Демир Хисар, апсењето на актуелни функционери во случајот со Кочани, како и остранувањето од функција на функционерот кој уби мечка, иако сите припаѓаат на истата политичка структура, покажуваат дека е можно законот да се применува и кон „своите иако припаѓаат на истата политичка структура, Оваа практика мора да се прошири и кон функционерите на коалиционите партнери во власта, бидејќи правдата губи смисла ако за едни важат правилата, а за други постои политички имунитет. Особено важно е да се испрати порака дека заштитата на криминалците, без оглед на нивната партиска или етничка припадност, не смее да постои. Законот мора да важи и за функционерите и членството на албанските политички партии, кои со години беа перципирани како недопирливи. Лидерите на тие партии мора јасно да разберат дека државата и правниот систем не признаваат привилегии, одговорноста е и нивна, како и на сите други учесници во политичкиот живот. Само кога сите, без разлика на партиска или коалициона припадност, ќе бидат еднакво третирани пред законот, ќе можеме да зборуваме за вистински раскин со селективната правда. Тоа е порака која има поголема тежина од било кое ветување дека правдата може да биде над политиката.
Времето на недопирливи и заштитени заврши. Тоа не е празна политичка фраза, туку практика која конечно ја гледаме на дело. Република Македонија со потезите кои ги презема актуелната власт тргна по патот каде што законот важи за сите. И тоа е патот од кој нема враќање.