Утрински Весник
Македонија

Животното од Козле е вистински волк, потврдија домашни и странски експерти

Img 4072.jpeg

Зоолошката градина во Скопје соопшти дека по извршените детални проверки, проценки и консултации со домашни и странски експерти, потврдено е дека животното кое вчера беше заловено во населбата Козле е вистински волк, а не куче или мешанец.

Како што информираат од ЗОО Скопје, во текот на денот во градината пристигнале и сопствениците на кучето Сириус од расата чехословачки волчјак, по кое трагале веќе два месеци. Тие на лице место се увериле дека не станува збор за нивното куче, туку за див волк, што и самите го потврдиле.

Од Зоолошката посочуваат дека животното не е чипирано, а при мерењето било утврдено дека тежи околу 25 килограми. Од страна на стручните служби била земена и крв за биохемиска анализа и дополнителни испитувања.

„Станува збор за млад волк, но неухранет и недоволно развиен за својата возраст“, наведуваат од ЗОО Скопје.

Во текот на денот, инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство исто така извршиле увид и според нивните проценки станува збор за волк (Canis lupus).

Дополнително, биле контактирани експерти и институции од повеќе европски центри и резервати за волци, со цел да се обезбеди и меѓународна потврда и стручно мислење за животното.

Од ЗОО Скопје апелираат до јавноста да не се шират шпекулации и дезинформации, туку да се подигне свеста дека дивите животни не треба да се чуваат како домашни миленици.

„Скопје ЗОО ќе продолжи внимателно да ја следи здравствената состојба и однесувањето на животното и навремено ќе ја информира јавноста за сите понатамошни информации“, велат од Зоолошката градина.

Можете да прочитате

(Фото) Мерцедес се заби во автобус на ЈСП кај Чаирчанка

Филков: Очекувам целосна транспарентност од ОЈО ГОКК за  одлуката за запирање на истрагата за мазутот

Мотоциклист настрада по сообраќајка во центарот на Скопје