Утрински Весник
Свет

ОН го осудува убиството на палестински новинари во Газа

Screenshot 2025 08 11 071806.jpg

Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права го осуди убиството на шест палестински новинари од страна на израелските сили во Појасот Газа преку ноќ, во соопштение објавено на „X“.

Пет новинари на Ал Џезира беа убиени, како и еден хонорарен новинар кој повремено соработуваше со локалните медиуми и беше во истиот шатор што беше цел на израелската армија.


Високиот комесар на ОН го обвини Израел за „таргетирање на шаторот“ каде што беа сместени вработените во Ал Џезира, што, како што беше кажано, претставува „сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право“.

Ал Џезира објави дека петмина од нивните новинари беа убиени во израелски напад врз Појасот Газа, вклучувајќи го и истакнатиот новинар Анас ал-Шариф, за кого израелската војска призна дека го таргетирал затоа што наводно бил терорист.

Телевизијата со седиште во Катар соопшти дека се чини дека станува збор за целен израелски напад врз шатор што го користат нејзините новинари во градот Газа, пред болницата Ал-Шифа.

-Израел треба да ги почитува и заштитува сите цивили, вклучително и новинарите, додаде високиот комесар во соопштението, потсетувајќи дека најмалку 242 палестински новинари се убиени во Газа од 7 октомври 2023 година, а ОН го повтори својот повик за „непосреден, непречен пристап до Газа за сите новинари“.

Еден од убиените, Анас ал-Шариф (28), беше најистакнатата фигура меѓу дописниците кои секојдневно известуваа за конфликтот. Организацијата за заштита на медиумите „Репортери без граници“ претходно го осуди „убиството на новинарот Анас ал-Шариф на најсилен и најогорчен начин“, за што додаде дека израелската војска „презеде одговорност“, велејќи дека тој е глас за страдањето што Израел им го нанесе на Палестинците во Газа.

Можете да прочитате

Трамп: За две минути од разговорот со Путин ќе знам дали може да се постигне договор за војната во Украина

Околу 40 убиени во нови напади на израелската војска врз цивили околу точките за дистрибуција на помошта во Појасот Газа

Три години живеел со телото на мртвиот брат, го нашле мумифициран