
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, денеска во СВР Тетово оствари средба со раководството, на која, како што информира Министерството за внатрешни работи, детално биле разгледани сите околности и преземените мерки по вчерашниот оружен инцидент во Тетово, во кој едно лице е убиено и четири се повредени.
„Сакам граѓаните на Тетово и регионот да знаат дека полицијата е целосно мобилизирана и посветена. Се преземаат активности за да се гарантира и испорача безбедноста. Нема да дозволиме стравот и насилството на поединци да ја нарушат секојдневната сигурност и мирот во заедницата. Истовремено, на сторителите и сите кои мислат дека со оружје можат да решаваат спорови и несогласувања им порачувам дека ќе бидат пронајдени, изведени пред лицето на правдата и санкционирани. Полицијата ги стави во функција сите потребни служби со цел да бидат фатени сите инволвирани во овој инцидент”, дециден беше директорот на БЈБ Јанев, додавајќи дека безбедноста е наша заедничка вредност.
„Ги повикувам сите граѓани на Тетово и насекаде низ државата да соработуваат со полицијата, да пријавуваат информации и заедно да изградиме средина во која нема место за криминал и насилство. Само заедно можеме да се спротивставиме на поединците и групите кои не споделуваат исти вредности со нас чесните”, истакна Јанев заклучувајќи дека Македонија и сите граѓани заслужуваат мир и спокој, а полицијата е тука за да го испорача.