
Десет лица ќе се стекнат со дозвола од областа на летечките операции со обука кофинансирана од државата преку Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ). Уверенијата на 10-те кандидати за пилоти денеска им ги врачија вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и директорот на АЦВ Драги Стојаноски.
АЦВ на 1 јули објави јавен конкурс за кофинансирање до 50 проценти од обуките за 27 лица, по што следеше тестирање на пријавените.
Уверенија за кандидат за приватен пилот на авион PPL-A SEP land добија седум лица, за пилот на ултралесни летала (ULPL) две лица, а за пилот на едрилица по програма со аерозапрега (SPL) едно лице.
Министерот Николоски и директорот Стојаноски рекоа дека обуките имаат за цел да ја подобрат ситуацијата со сериозен дефицит на воздухопловен персонал.
Станува збор за основни курсеви, а АЦВ најавува конкурс и за понатамошна обука со што, како што изјави Николоски, би се создал воздухопловен кадар кој ќе се вклучи и во државните ресурси и во приватниот сектор.
“Продолжуваме со поддршката, процесот е отворен и транспарентен, се надевам дека на идниот повик ќе има уште поголем интерес,” изјави Николоски.
Еден дел од курсевите се основа за понатамошен професионален развој и градење на професионална кариера на пилот, а други се од областа на воздухопловно-спортските активности, како поттик за досегашните високи резултати постигнати од индивидуалци, тимови и репрезентацијата на европски и светски натпревари.
Целта на проектот, како што посочуваат, е да ги стимулира и обнови активностите во аероклубовите и спортските аеродроми кои, поради финансиски тешкотии и нерешени имотно-правни прашања, полека згаснуваат без помош од државата, а во минатото биле темел за создавање на кадри кои подоцна ги користеле и Министерството за одбрана, воздухопловните единици на МВР, СОЗР, ДЗС – пилоти на АТ 802А Fire Boss, како и Агенцијата за цивилно воздухопловство.