
Д-р Игор Стојковски – директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во интервју за државната МИА вели дека двојно зголемен е условниот буџет на Клиниката за радиотерапија и онкологија за иновативни лекови oдносно за биолошка терапија.
Посочува дека со последниот буџет е обезбедена достапност и на седум нови лека за третман на меланом, на дојка, на бели дробови, на мочен меур и на простата. Некои од овие лекови, потенцира, се достапни во Македонија и пред да бидат достапни во земјите од нашето соседство, така што сме сигурни дека пациентите се третираат со најсовремена иновативна терапија според современите светските протоколи за третман.
– При крај е административната постапка за поставување група на лекови, инхибитори на ароматазата (анастрозол и летрозол), на позитивната листа А – така што очекуваме наскоро дека оваа група на лекови ќе може да се издава на рецепт во аптеките во местото на живеење на пациентите, нагласува д-р Стојковски.
Во врска со кадровскиот капацитет, вели дека пред неколку недели на Клиниката се примени четири приватни специјализанти (два специјализанти од областа на радиотерапија и онкологија и два од областа на патологијата) и по подолго време кадровски се зајакнал капацитетот на Клиниката.
– Клиниката има потреба од зголемување на персоналот од сите профили и тоа медицински сестри, радиолошки технолози, медицински физичари, болничари, административен кадар итн. Активно работиме и на реконструкција на одредени делови од Клиниката, со план некои од амбулантите и биохемиската лабораторија да бидат префрлени во пофункционални простории каде нема да се создава голема гужва, нагласува директорот на Клиниката.
На прашање за колку проценти е зголемен буџетот на Клиниката, и што ќе значи тоа за онколошките пациенти, д-р Стојковски вели:
„Условниот буџет за иновативни лекови (биолошка терапија) е двојно зголемен. Овој буџет е целосно наменски и се користи само за лекарства кои ги одобрува Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, а кои не се на позитивната листа на ФЗО, така што со последниот буџет обезбедена е достапност на седум нови лека за третман на меланом, канцер на дојка, на бели дробови, на мочниот меур и на простата. Некои од овие лекови во Македонија се достапни и пред да се достапни во земјите од нашето соседство, така што сме сигурни дека пациентите се третираат со најсовремена иновативна терапија според современите светските протоколи за третман“.