
Во завршна фаза е изработка на официјална потрошувачка кошница за четиричлено семејство, со цел да се дефинираат реални социјални и економски мерки без простор за манипулции, соопшти министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Кои производи ќе ги содржи таа и нејзиниот износ ќе биде соопштено откако ќе се формира Економско-социјалниот совет (ЕСС).
На прес-конференција за отчет за работата во изминатата година, Дурмиши посочи дека кошницата ќе биде „реална, многу добро изготвена и со податоци од релевантни институции“ затоа што таа што ја предложиле синдикатите, рече, содржи производи кои не спаѓаат во основни или кои не се трошат во одредени периоди од годината.
Таа што ја објавуваат синдикатите не е реална и соодветна кошница и бројките не се точни и затоа правиме нова, со реални податоци колку му треба на четиричлено семејство да троши на месец за храна, пијалаци и други потреби, рече Дурмиши одговарајќи на новинарско прашање. Додаде дека синдикатите земаат цени само еден од маркет, а кошницата што се подготвува ќе ги земе предвид цените од три до пет маркети и ќе биде земена просечната.
Новата кошничка ќе биде доставена на првата седница на ЕСС, со која претседава тој, и разгледана од работодавачите, синдикатите и Владата односно, рече, дали е прифатлива за сите социјални партнери.
За намалување на ценовниот шок, рече министерот, се преземаат мерки кои треба да дадат долгорочни или среднорочни резултати. Една од нив е во соработка со МЗШВ – поддршка на земјоделците и домашните производители што ќе придонесе за намалување на цените на основните прехранбени и земјоделски производи зашто повеќе од 70 проценти сега доаѓаат од увоз.