
Германски државјанин е уапсен откако си го украл сопствениот автомобил, јавија германските медиуми.
„Во моментов се чини многу веројатно дека имаме две жртви“, изјави портпаролот на полицијата во западниот град Дортмунд.
На 27-годишниот маж од југозападниот град Манхајм му било украдено БМВ-то додека бил во посета на роднини во Романија во април. Тој ја пријавил кражбата во полиција и во неговата осигурителна компанија.
Неколку недели подоцна, автомобилот бил купен во Германија од 38-годишен маж од Дортмунд.
Потоа, 27-годишникот користел локациски услуги за да го следи својот автомобил во Дортмунд – но, наместо да пријави во полицијата, тој отишол во градот минатата недела, го отклучил автомобилот со свој клуч и се вратил во Манхајм.
Во четвртокот, постариот човек пријавил кражба на неговиот нов автомобил. Полицијата користела податоци за локација за да го лоцира возилото во Манхајм и го уапсила 27-годишниот маж истата вечер.
Истражителите биле изненадени кога човекот им доставил на полицајците документи со кои се потврдува дека самиот го купил автомобилот во Велика Британија пред неколку години.
Двајцата мажи беа во можност „убедливо“ да објаснат како дошле до поседување на автомобилот, рече портпаролот.
Автомобилот е произведен во 2017 година и вреди 12.000 евра. Го запленила полицијата, која се обидува да разјасни кој е нејзин сопственик.
Властите се уште ги бараат „оригиналните“ крадци во Романија, додека останува да се утврди дали 27-годишникот треба да биде суден за кражба на сопствениот автомобил.