Утрински Весник
Економија

Министерката Димитриеска-Кочоска учествува на Економскиот и финансиски дијалог на ЕУ и партнерите во Брисел 

Kocoska e1747117136813.webp.webp

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска во Брисел учествува на редовниот годишен Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ и регионалните партнери, на кој присуствуваат претставници на членките на Унијата и на земјите од Западниот Балкан, на Грузија, Молдавија, Турција и на Украина. 

Економскиот и финансиски дијалог е годишен состанок на ЕУ и партнерите посветен на прашања од сферата на економската политика. 


Фокусот на овогодишниот, 11-ти по ред, Дијалог ќе биде на зајакнувањето на конкурентноста на Европа во контекст на актуелните геополитички случувања и потребата од поедноставување на правната рамка за намалување на административниот товар врз компаниите. 

Како што соопшти Министерството за финансии, Димитриеска-Кочоска ќе се осврне на реформите што ги презема македонската Влада на полето на подобрувањето на конкурентноста на економијата, со крајна цел забрзување на економскиот раст. 

Покрај министрите за финансии и гувернери на централните банки на членките на ЕУ и на партнерските земји, на Економскиот и финансиски дијалог учествуваат и претставници на Европската комисија, Европската централна банка и на Европска инвестициска банка. 

Предвидено е на состанокот да бидат усвоени заеднички заклучоци, кои во наредниот период ќе бидат основа за креирање на политиките и спроведување на реформите на патот на земјава кон целосна евроинтеграција.  

Дијалогот ќе се одржи пред заседанието на Советот за економски и финансиски работи на ЕУ, на кои главни теми ќе бидат правила за ДДВ за увезените стоки, предлозите за измени за регулативата за финансиски услуги и нејзината имплементација, предизвиците поврзани со руската агресија врз Украина и Механизмот за закрепнување и отпорност на Г20. 

Покрај ова, европските министри ќе разменат мислења за иницијативата за создавање на Унија за штедење и инвестиции, а ќе одржат и политичка дебата за програмата „Безбедносна акција за Европа“ (САФЕ). 

Можете да прочитате

Банките ги разгледуваат тарифите за намалување на провизиите

Гувернерот Славески на Годишното генерално собрание на БИС

Раст од 9,4 отсто на индустриското производство во мај годинава