
ДУИ тврди дека продолжувањето на притворот за поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, претставува јасен пример за селективна правда. Според партијата, „ова не е само двоен правен стандард – туку отворена политичка, етничка и партиска дискриминација, што претставува навреда за секој граѓанин“. ДУИ замерува што останатите инволвирани во истиот случај, како што велат, вклучително и екс-градоначалниците на Кочани се наоѓаат на слобода.
Од партијата велат дека иако сведоците и родителите на жртвите јасно ги имаат посочено вистинските виновници, само поранешниот министер Бектеши сè уште се држи изолиран – за да се заштитат вистинските виновници.
Трансакциското обвинителство и актуелната власт продолжуваат брутално да ги кршат сите правни, морални и човечки принципи. Премиерот, откако го заплаши обвинителот дека ќе изведе луѓе на улица против него, сега целосно го има потчинето и се однесува истовремено и како обвинител и како судија. Ако улицата е решението, тогаш време е сите граѓани да им се придружат на семејствата на жртвите од Кочани и да побараат правда – на мирен, но решителен начин, на улица, реагираат од ДУИ.
Апелациониот суд во Штип соопшти дека се завршени постапките по жалбите поднесени на решенијата за притвор во врска со случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Од вкупно осум предмети, во седум случаи жалбите се одбиени како неосновани, а решенијата на Основниот суд во Кочани се потврдени.
Само во еден случај, жалбата на обвинетиот Е.М. е уважена, при што првостепеното решение за притвор е преиначено и заменето со мерка куќен притвор, заедно со дополнителни мерки на претпазливост.
Останатите жалби – поднесени од К.Б., Н.И., Р.Ч.Д., М.С., Б.Х., М.Ѓ. и Р.Д. – се одбиени, а мерките притвор или куќен притвор остануваат на сила.
Бектеши е осомничен како дел од алката за помош за дискотеката „Пулс“ да може да работи. Со сторување или несторување, односно со преземени дејствија за издавање на лиценца, односно преземени дејствија да не се направи контрола, го сомничат дека сторил кривично дело.
Во пожарот во „Пулс“, животите ги загубија 59 лица, тројца подоцна им подлегнаа на повредите, а околу 100-на беа повредени. Досега над 60 физички и 3 правни лица се опфатени во истрагата на Обвинителството.