
Доколку постои конфликт помеѓу правото на еден субјект за пристап до информации и строгите деловни тајни, на соодветните органи за заштита на податоците или на Суд може да им биде дозволен пристап до релевантните информации за да проценат кои од тие податоци може да бидат откриени, реши денеска Европскиот суд на правдата.
Пресудата е донесена по жалба на одлука на австриски Суд, кој реши дека американската кредитна агенција „Дан енд Броудстрит“ (ДБ) мора на државјанин на Австрија, чие барање за договор било одбиено, да му дозволи увид во нејзиниот кредитен извештај. ДБ тврдеше дека со дозволувањето увид во извештајот ќе биде „принудена да споделува заштитени деловни тајни“.
Европскиот суд на правдата пресуди дека субјектот може да бара од институцијата што ги поседува податоците да обезбеди процедури и принципи за пристап до информации, со кои ќе се гарантира заштитата на деловните тајни.
– Институцијата која тврди дека има деловни тајни треба да ги достави наводните заштитени информации до надлежниот надзорен орган или до суд, се наведува во решението на Европскиот суд.
По ова, согласно денешната пресуда, надзорниот орган или судот треба да одлучи кои податоци можат да му бидат доставени на субјектот кој бара пристап до информациите.
Ваквата пресуда би можела многу скоро да биде применета во пракса во сличен случај во Шведска. Имено, невладината организација „Нојб“ денеска поднесе жалба до шведската Управа за заштита на приватноста (ДПА), откако „Сведбанк“ одбила барањето на државјанин на Шведска за пристап до податоци од пресметка со образложение дека станува збор за деловна тајна.