
Во моментот, состојбата е стабилна и под контрола, нема новопријавени случаи на шуга во Центарот за јавно здравје Куманово, соопштија денеска епидемиолозите од јавната здравствена установа.
-Во Одделението за епидемиологија при ЦЈЗ Куманово, заклучно до овој момент не е пристигната пријава за нов случај на заболен од шуга кај ученицте од „Кирил и Методиј“ од Романовце. Епидемиолошката состојба се следи, стабилна е и е под контрола, немаме нов случај на заболен кај ученици од ова основното училиште, изјави д-р Едита Размизи од Центарот за јавно здравје Куманово.
Останува еден потврден случај на заболен од шуга, ученик од основно училиште од кумановското село Романовце. Епидемиолозите смируваат дека простор за паника нема, во училиштето се преземени сите мерки за дезинфекција.
Лани, на подрачјето на Центарот за јавно здравје кој ги покрива шесте општини од североисточниот регион имало 119 заболени, најчесто на возраст од 10 до 14 години, но имало и 22 заболени над 60 години. Најмалку заболени имало кај малите деца од две и пет години. Минатата година најмногу заболени имало во октомври, а најмалку во август. Болеста ги зафаќа сите слоеви на општество, без оглед на пол и возраст.