![](https://utrinskivesnik.mk/wp-content/uploads/2024/12/marjan-risteski-1024x570.jpg)
Со проекти стимулираме отворање нови бизниси, самовработување, помош на малите и средни претпријатија, а со тоа и развој на нови технологии и нови начини на производство и претприемништво, истакна заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
На средба со стопанственици од Битола, Ристески посочи дека Министерството за економија и труд во соработка со Агенцијата за вработување и УНДП посочи дека успешно се реализираат проектите од оперативната програма на АВРМ во претходната година, средства обезбедени за реализација на зелената агенда и зелената економија.
-Со оваа програма која почна да се реализира во 2022 година досега ново вработени се околу 400 лица, а ќе има и нови. Во новата програма на Министерството за економија и труд и оперативните планови на Агенцијата за вработување и претприемништво, предвидени се нови проекти и затоа апелираме до битолските стопанственици и граѓаните активно да ги следат програмите што ќе бидат објавени кон крајот на февруари и во месец март и да се пријавуваат. Нашата цел, рече Ристевски, е развој на економијата, намалување на невработеноста и овозможување на нови работни места за младите кадри во Македонија.
Заменик министерот Ристески со стопанствениците од Битола разговараше за актуелните проблеми со кои се соочува бизнис секторот во овој град, како и за можностите што се нудат со унгарскиот кредит.
-Ги разгледавме проблемите со кои се соочуваат, ги информираме за нашите активни мерки, како и за унгарскиот кредит кој е со поволни услови. Се надевам дека многу битолски стопанственици ќе го искористат овој кредит и ќе се подготват со проекти за аплицирање. Тука се вклучени и општините со капитални инвестиции, со многу проекти кои значат заживување на градежниот сектор кој придвижува многу услужни дејности значајни за развојот на економијата, нагласи Ристески.
На новинарско прашање во врска со владината намера за ограничување на висината на трговската маржа, Ристески изјави дека на владина седница е разгледана можноста за ограничување на трговската маржа врз база на информации доставени од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) кои се темелат на анализа на цените во претходните шест месеци, пристап кој како принцип досега не се случувал.
-Досега такво нешто не се случило. Разгледувани се цените на основните прехранбени производи и пијалоци, односно основните продукти за живот на едно просечно македонско семејство. Од месец септември до месец јануари анализирани се цените и движењто на маржите и врз база на тоа има предлог од Министерството за економија и труд, денеска или утре до Владата да донесе мерка која ќе ги опфати сите производи кои беа опфатени со есенската кошничка, со ограничување од 10 отсто од бруто профитната маржа на трговијата на големо и мало, дополнета со производи кои се непрехранбени, а се користат во домаќинствата како што се производи за одржување на лична хигиена, храна за бебиња, производи кои се со големи маржи и директно влијаат врз висината на цените, истакна Ристески.
Нашата цел, како што посочи, е со мерката која би следувала и ќе следи доколку биде донесена одлука од Владата, да го заштитиме животниот стандард на граѓаните.
-Впрочем, проблемот со цените на храната не е само во Македонија, туку и во сите околни држави затоа што е европски и светски проблем. Предизвик на оваа Влада е економското цунами што беше создадено од претходните економските кризи и едно претходно лошо економско владеење, ние тие бранови да ги смируваме со мерки и законски решенија како што е Законот за нефер трговски практики да ги стабилизираме работите на подолг рок и во интерес на животниот стандард на граѓаните, изјави Ристески и додаде дека порано, во минатото цените се замрзнуваа ад-хок без конкретни анализи, а сега прв пат во историјата на Македонија, направени се анализи за шест месеци наназад и врз база на тие анализи ќе има мерки со кои внимаваме да го заштитиме животниот стандад, но и да не правиме штета на бизнис секторот кој е на кревки нозе заради погрешните економски политики во претходниот период. Борбата за стабилзирање на економијата продолжува и се надевам на подобра и поперспективна економска година за сите граѓани, истакна Ристески за време на денешната средба со стопанствениците во Битола. (МИА)