Советот на Општина Центар на 43. Седница со 18 гласа ЗА, воздржани 2 и ниеден против, го усвои буџетот за 2025 година. Проектираниот основен буџет е рекорден, со вкупна сума од 1.086.250.000,00 денари. Од овој износ, дури 45% се наменети за капитални проекти, додека преостанатите 55% ќе се користат за тековно и оперативно функционирање на општината.
Градоначалникот Герасимовски ја поздрави одлуката на Советот.
„Сакам да се заблагодарам на советниците и на администрацијата на општината за успешната реализација на многуте квалитетни проекти во текот на оваа година, во интерес на граѓаните. Со програмата и буџетот за следната година, верувам дека ќе имаме уште поголем број проекти што заедно ќе ги реализираме. Благодарност и за поддршката и гласовите што Советот ги даде за новиот буџет за 2025 година за да можеме да креираме буџет што ќе одговори на потребите на сите наши сограѓани”, изјави Герасимовски.
Буџетот за наредната година е развоен, реален и транспарентен, а приоритетните капитални проекти се: финализирање на реконструкцијата на спортската сала „Работнички”, изградба на нова општинска зграда со подземен паркинг, реконструкција на улиците во локалитетот Тасино Чешмиче, во населбата Капиштец и во реонот на Дебар Маало, реконструкција на улицата „50 Дивизија”, пренамена на улицата ,,Мирослав Крлежа” во пешачка зона и модернизација на јавното осветлување со воведување ЛЕД технологија и примена на современи техники за управување и надзор.
Во областа на образованието, обезбедени се средства за реконструкција на училиштата, набавка на униформи за учениците, информатичка опрема, како и за инсталирање фотоволтаични системи на три детски градинки.
Во делот на животната средина, акцентот е ставен на набавка на мерни сензори за бучава, мобилни уреди и мапирање на бучавата, а планирани се средства и за санација и поставување урбана опрема, реконструкција на игралишта, паркови и зелени површини.
Во сегментот социјална заштита обезбедени се средства за новиот проект „итно копче” за помош во итни ситуации за повозрасни лица и пакет услуги за деца и жени жртви на насилство, како и превенција од дроги и зависности. Во програмата за култура, на барање на советниците додаден е проектот ,,Прошетка со граѓаните за запознавање на знаменитости на Центар”.
Во делот на спортот, обезбедено е финансирање на КК ,,Работнички” и организација на натпревари во рамките на Лига Центар, со цел да се поттикне спортската активност и да се создадат услови за развој на младите спортисти.
Во буџетот се предвидуваат финансии и за одржување на постоечката инфраструктура, сервисирање тековни потреби на граѓаните и редовните проекти од сите сфери кои се покажаа како успешни, меѓу нив: сервис за стари лица, еднократна помош за новороденчиња и социјално загрозени семејства, стипендии за талентирани ученици и ученици од семејства во социјален ризик, Феникс награда, награди за најдобрите наставници и негувателки, како и обезбедување средства за хигиена и тековно – оперативни трошоци во градинките и основните училишта во Општина Центар.