Три натпревари се одиграа синоќа во НБА лигата. Победи забележаа Бостон, Мајами и Сакраменто.
Актуелните шампиони, Бостон го надиграа Детроит Пистонс со 123:99.
Најефикасен кошаркар во редовите на Бостон синоќа беше Пејтон Причард со 27 поени, четири скока и десет асистенции. Причард сериозно ја истакна кандидатурата за најдобра шести играч во сезоната. Тој и Дерик Вајт (23 поени) погодија по седум тројки.
На спротивната страна Рон Холанд постигна 26 поени со три скока, но го следеше само Кејд Канингем со 18 поени, осум скока и осум асистенции
Мајами Хит оствари нова победа, четврта по ред. Хит славеа над Торонто Репторс со 114:104.
Втората четвртина го реши победникот, кога Хит направија серија 30:10.
Најефикасен поединец во редовите на Мајами беше Тајлер Херо со 23 поени, четири скока и четири асистенции.
Го следеше Бам Адебајо со 21 поен, 16 скока и пет асистенции, а трет најдобар играч на Мајами беше Никола Јовиќ со 14 поени и четири скока.
Еден играч на Репторс имаше преку 20 поени, а тоа беше Грејди Дик. Тој мечот го заврши со 22 поени, четири скока и две асистенции.
Сакраменто победи во Њу Орлеанс 111:109. МекКолум броеше до 37, но залудно; Пеликанс немаа одговор за Домантас Сабонис. Литванецот запиша монструозен дабл-дабл од 30 поени и 20 скока. Го следеше ветеранот Демар Дерозан со 29 поени, четири скока и две асистенции.
На Пеликанс не им помогна ниту неверојатниот настап на Си Џеј МекКолум, кој постигна 37 поени.