Утрински Весник
Македонија

Планинската спасителна служба Охрид: Внимателно на планините викендов

20241207130748 Big 730x400 61.webp.webp

Сите љубители на планините и снежните авантури да внимаваат на повисоките планини поради најавите за континуирани врнежи од снег проследени со умерен до засилен ветар за продолжениот викенд, што значително ќе влијае на видливоста и навигацијата во високите зони, предупредува Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

Според информацијата, особено да бидат внимателни оние кои планираат да го посетат Национален парк Галичица, преку регионалниот пат Охрид – Отешево, кој токму поради својата експозиција и надморска висина е затворен за сообраќај.

– Превојот на овој патен правец е целосно непрооден со навеви од снег поголеми од два метра настанати уште со претходните снежни врнежи, а во претстојните денови се очекува значително влошување на ваквата состојба, стои во предупредувањето на Планинската спасителна служба.

Поради лошите метео услови најавени за викендов, информираат дека нема да да биде отворена за посетители ниту планинската куќа „Спиридон“ на Галичица.

– До оние најупорните, апелираме да бидат особено внимателни во планирањето на своите активности, строго да се придржуваат до правилата за безбедност во зимски услови на планина и доколку не се соодветно подготвени и опремени, да ги одложат за некој следен викенд. Зимата календарски сеуште не е почната и веруваме дака ќе има многу убави денови за уживање во снежните авантури, во многу попријатни метеоролошки услови од овие кои се предвидуваат за претстојниот викенд, велат од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

И Националниот парк „Галичица“ потсетува дека патот Охрид – Ресен низ Галичица е затворен за сите видови сообраќај поради зимските услови.

– Одлуката е со цел да се спречат потенцијални штети на патната инфраструктура и да се осигура безбедноста на посетителите. Тимот на Националниот парк Галичица ве потсетува да ги планирате вашите активности во природата во согласност со зимските ограничувања, стои во објавата на НП „Галичица“.


Можете да прочитате

Панел-дискусија „To be or not to be… студент во Македонија?“

Седница на Генералното собрание на ЗЕЛС

Четврта регионална експертска средба за Кластер 1 „Основи“