Утрински Весник
Скопје

ЈСП има нафта за најмногу уште пет денови, тендерот заврши, дали е успешен не се знае

Jsp 1.jpg

Тендерот за набавка на нафта за ЈСП заврши, но неизвесноста продолжува и засега не се знае дали воопшто некој конкурирал на огласот. Од Бирото за јавни набавки за Сител велат: „Имајќи ја предвид проценетата вредност на набавката, извесно е дека постапката ќе дојде во управна контрола во Бирото по сила на закон, но тоа се случува на крајот, откако ЈСП ќе ја донесе одлуката за избор или за поништување на постапката. Дури во тој момент Бирото ќе добие пристап до целокупната документација од спроведената постапка. За сите информации во поглед на постапката, ве упатуваме да се обратите до ЈСП Скопје“.

Од ЈСП молк. Директорот Кушовски не кажува дали тендерот е успешен и дали сметката на претпријатието е одблокирана.

Од синдикатот на возачи во ЈСП велат дека, ако е блокирана сметката, тендерот ќе пропадне.

„Сигурно дека ќе пропадне, ако е блокирана. Како ќе се исплатат долговите, платите и ред други работи? Моментално знам дека се уште е блокирана, ако денеска нешто се случило, немам друга информација“, изјави Африм Муча, претседател на независен синдикат на возачи.

Според него, нафта од државните резерви има за уште 3 до најмногу 5 дена. Што ќе биде потоа, не знаат ни вработените.

Од Владата велат дека ќе го почекаат исходот од тендерот.

„Да видиме какви ќе бидат состојбите, да не давам одговор од аспект на хипотетичка ситуација. Факт е дека не може претпријатието да функционира постојано на ваков начин ако досега. Се надеваме дека ќе се консолидираат и дека ќе размислуваат за доброто на граѓаните, а не за други цели и интереси“, вели Марија Митева, портпаролка на Владата.

Во јавниот превоз од вчера се вклучија и приватните превозници, но не сите, туку само оние кои имаат финансиска можност за тоа, бидејќи, како што велат, ЈСП има неплатен долг кон нив повеќе месеци. Во меѓувреме, тие ја чекаат новата цена по изминат километар која треба да биде пресметана во следните две недели.

Можете да прочитате

Новогодишните куќарки пристигнаа на плоштадот во Скопје, но украсувањето се уште не е започнато

Кран оштетил 110кВ далекувод во Бутел – причина за експлозијата која ја пријавија граѓаните

Граѓаните на социјалните мрежи пријавуваат потрес и експлозија во Бутел