Утрински Весник
Македонија

Филипче: Неприфаќањето на лидерска средба е сигнал за политички интерес од тензиите

Venko360 1170x760 1.jpeg

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за емисијата „360 степени“ предупреди дека одбивањето на иницијативата за лидерска средба ќе испрати опасна порака – дека некои политички фактори можеби имаат интерес од продолжување на тензиите. Тој повика на итен политички дијалог за да се надмине тековната криза и да се спречи нејзина ескалација.

„Повторно ќе кажам, не гледам причина зошто некој не би учествувал на таква лидерска средба. Сериозна е ситуацијата, а се остава сомнеж дека некој има интерес од вакво влошување. Ако некој ја одбие таа средба, ќе сметам дека апсолутно има причина да се надева дека тензиите можат да донесат некаков политички бенефит“, истакна претседателот на СДСМ.

Филипче објасни дека во вакви критични моменти лидерите на најголемите политички партии мора да покажат зрелост и да ја стават добросостојбата на граѓаните и на државата пред сите други интереси.

Тој ја истакна важноста на лидерската средба како единствено решение кое може да ја смири наелектризираната атмосфера и да испрати јасна порака до јавноста.

„Само од еден таков медиум, како лидерска средба, граѓаните може да сфатат и разберат и вистински да ја примат пораката дека навистина ситуацијата треба да се смири. Инаку, ризикуваме таа сериозно да ескалира“, истакна претседателот на СДСМ.

Филипче го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и другите политички лидери да ја поддржат оваа иницијатива, подвлекувајќи дека одбивањето на учеството само ќе го засили сомнежот за политичка калкулација.

За СДСМ, стабилноста и мирот се највисок приоритет, потенцира Филипче и повика на заедничка одговорност за зачувување на соживотот и иднината на земјата. Секое одбивање на оваа иницијатива би било чин на неодговорност и индиректна потврда на интерес од продолжување на кризата, смета претседателот на СДСМ.

Можете да прочитате

Седница на ИО на СДСМ: Против зголемување на старосната граница за пензионирање, нема да ги поддржиме интерпелациите од ДУИ

Сообраќајот се одвива во зимски услови, појава на магла на планинскиот превој Буково и крак Маврово-Маврови анови

Се бара притвор за скопјанец кој тешко ја повредил сопругата при семејно насилство