На третата ноќ од протестите во главниот град на Грузија против владината одлука да ги прекине преговорите за влез во Европската унија, 44 лица се хоспитализирани, соопштија официјални лица во неделата, а протестите продолжија и синоќа – четврта ноќ по ред.
Министерството за внатрешни работи на Грузија вчера соопшти дека ноќта меѓу саботата и неделата се хоспитализирани 27 демонстранти, како и 16 полицајци и еден медиумски работник.
Десетици илјади демонстранти се собраа пред парламентот и во неделата вечерта, фрлајќи камења и палејќи факели, додека полицијата употреби водени топови и солзавец.