Хотелиерскиот гигант „Македонија турист“ се соочува со значајни промени во сопственичката структура. Доне Таневски, кој досега беше најголемиот акционер со 23,4% од акциите, продаде 25.669 акции, со што неговиот удел се намали на 17,72%. Овој потег се случува во време на интензивна динамика на акционерски промени пишува Фокус.
Скопската компанија „Скопски пазар“, која пред десетина дена стана вториот најголем акционер, сега поседува 10% од капиталот на компанијата, откако купи дополнителни 730 акции. Оваа компанија, предводена од бизнисменот Фатмир Етеми, дополнително го зацврстува своето присуство во хотелската индустрија.
Истовремено, „М.Г. Фешн“, компанија позната по висококатниците кај паркингот спроти „Холидеј Ин“, неодамна стана акционер со 7,69% од акциите, што претставува инвестиција од над пет милиони евра според просечната вредност на една акција.
Овие промени следуваат по значителните продажби на Соња Бибановска, долгогодишна партнерка на Таневски, која минатиот месец продаде 11% од акциите, заработувајќи 9,2 милиони евра.
И покрај намалениот удел, Таневски останува претседател на Надзорниот одбор, додека неговата ќерка Мирјана Таневска е претседател на Управниот одбор и раководи со најголемата хотелска мрежа во земјата. Компанијата ги поседува скопските хотели „Холидеј Ин“, „Водно“, „Јадран“, „Белви“ и други.
Во 2023 година, „Македонија турист“ бележи тројно зголемена добивка, достигнувајќи 96,39 милиони денари (околу 1,5 милиони евра). Покрај хотелските услуги, компанијата инвестира во акции, фондови и депозити вредни 22 милиони евра.
Овие движења ја отвораат вратата за нови играчи во сопственичката структура, а идните чекори на компанијата остануваат под будното око на инвеститорите.