Утрински Весник
Македонија

Суспендираниот обвинител Хајрулахи обвинува за притисоци и заплашување од страна на државниот обвинител Коцевски

111.jpg

Вишиот скопски јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, кој беше суспендиран од функцијата, одржа прес-конференција каде што обвини за притисоци и манипулации насочени кон него од страна на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Според Хајрулахи, Коцевски има намера „да го заќути и отстрани“, а со тоа да испрати порака за заплашување и на другите обвинители кои дејствуваат во согласност со законот.

Во својата изјава, Хајрулахи истакна дека бил под притисок поради неговата работа на предметот поврзан со бонусите во Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Според него, неколкумина вработени во Вишото јавно обвинителство поднеле претставка за наводен мобинг против него. Хајрулахи објасни дека оваа претставка е неоснована и дека би требало да се разгледува пред Граѓанскиот суд доколку е сериозна. Тој изрази сомнеж дека претставката е дел од тактика за негово дискредитирање и заплашување, иницирана по директива на високите органи на обвинителството.

Хајрулахи исто така посочи дека информации од обвинителството се пренесувани до медиумите преку ќерката на Коцевски, тврдејќи дека добил снимени разговори и видео материјал од свиркач, во кои се гледа дека документите се предадени на медиуми преку посредник. „Свиркачот ми предаде материјал кој укажува на тоа дека ќерката на обвинителот Коцевски ги предала информациите. Тоа е обврска на секој укажувач да пријави вакви неправилности,“ изјави Хајрулахи, истакнувајќи дека ако ги прикрие овие информации, тој би станал дел од нелегалните дејствија.

На прес-конференцијата, Хајрулахи потврди дека минатиот месец поднел тужба за клевета против неколку вработени во обвинителството, кои, според него, по наредба на друг обвинител поднеле лажни изјави за мобинг. Тој додаде дека располага со уште повеќе информации и снимки кои се доказ за начинот на кој се врши притисок врз него.

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме