Утрински Весник
Економија

КСОМ најави протести ако продолжи притисокот за спречување на синдикално организирање

20241020124234 Big 730x400 81.webp.webp

Конфедерацијата на синдикалните организации во Македонија (КСОМ) истакнува дека во последно време има сериозни прекршувања на законите од страна на сопственици на компании во однос на правото на работниците за синдикално организирање, како и зголемен притисок од страна на директорите врз работниците преку институции, насочен кон гасење на синдикалните организации од кои дел се од КСОМ. Доколку продолжи притисокот најавуваат протести пред седиштата на компаниите кои тоа го прават и се надеваат на поддршка и од останатите синдикати.

Ваков притисок врз работниците, како што велат, има во повеќе градови, а некаде дури и ги тераат преку нотарска изјава да потврдат дека не сакале да формираат синдикат. Притисок да не се формираат синдикални организации, како што посочуваат, досега вршеле повеќе од 40 работодавачи, најчесто од градежниот сектор и оние кои управуваат со минералните суровини. 

-Одредени работодавачи, особено во приватниот сектор, синхронизирано и организирано без да бираат средства вршат големи притисоци врз работниците за да не се организираат синдикално, дури и во некои компании каде ние имаме свој синдикат. Тоа го прават преку разни комисии кои даваат приговори на Првостепена, а потоа и на Второстепена комисија за да дојде до згаснување на синдикатите, а на крај дури и до Управен суд. Додека Управниот суд донесе одлука може да потрае и до три години, а во тој период не смее да се формира нова синдикална организација. На следниот состанок на Економско-социјалниот совет ќе побараме помош за тоа и од премиерот, истакна претседателот на КСОМ Марјан Ристески на денешната прес-конференција и праша што им смета на работодавачите ако работниците се синдикално организирани и ги бараат своите права.

Тој посочи дека на работодавачите покрај тоа што не им чинат работниците бидејќи биле неспособни и непродуктивни, не им чини и владата која само што е формирана. Најверојатно, додаде, тоа е притисок за да не се потпишат колективните договори.

-Работниците немаат никакви права во приватниот сектор. Ако се продолжи со овој притисок работниците ќе избегаат од Македонија, а дури и работниците кои доаѓаат од странство за неколку дена ја напуштаат државава. Сакаме да седнеме со работодавачите и стопанските комори и да разговараме, бидејќи не може нив ништо да не им чини во државата, а даваат минимални плати и ја изигруваат обврската за исплата на К-15. Капиталот, коморите, работодавачите и синдикатите што беа досега се највиновни што сме доведени во ваква состојба. Тие се навикнати само да се жалат, а ние како работници не добиваме ништо, потенцира Ристески.

Нагласи дека ќе побараат од Владата оние компании кои имаат синдикат да имаат одреден приоритет при добивањето на субвенции и програми за инвестиции, а од коморите да си ги дисциплинираат своите членки. Смета дека проблемот не го прават сопствениците на мултинационалните компании кои знаат што е синдикално организирање кај нив, туку раководните лица кои се поставени од нашата држава кои, како што рече, им велат на газдите ние го знаеме менталитетот на работниците и знаеме како треба да се постапува со нив.

-Тоа покрај потценување на работниците е и потценување на државата. Затоа треба да го кренеме гласот и конечно работникот да се чувствува дека е почитуван во државата и да не се сели, потенцира Ристески.

Можете да прочитате

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен

Стојаноски: СДС единствено што остави на државата е долг на идни поколенија

Ангеловска-Бежоска во колумна за „Топ 100 извозници”: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст