36 вработени лица во техничката служба во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска започнаа штрајк со кој бараат повисоки плати.
Тие го активираа штрајкот ставен во мирување во март 2023 година кога беше договорено до крајот на годината платите да им бидат покачени.
Денес, девет месеци по истекот на рокот, бидејќи платите не им се покачени, тие одлучија дека ќе штрајкуваат на работните места и нема да извршуваат никакви работни задачи, со исклучок на архивата, која ќе прима пошта, сè до исполнување на единственото барање за покачување на платите.
Лабораторијата во МАНУ нема да биде загрозена од штрајкот оти половина од вработените не се челнови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ) и не штрајкуваат.
На денешната прес-конференција пред МАНУ, организаторите се пожалија дека трпеле притисоци од академиците.
„Академиците, наместо да седнат и да преговараат со Синдикатот, тие од периодот кога се активира штрајкот најмија адвокатска канцеларија преку која се одвива комуникацијата со вработените и која има една единствена задача, а тоа е да ги заплаши вработените и да најде начин како да го забрани штрајкот. Исто така, некои од академиците, раководителите на организациските единици при МАНУ, кога беше најавено активирањето на штрајкот, веднаш почнаа со закани кон вработените дека ќе бидат избркани од работа, а одредени раководители со пцости и навреди почнаа да им се обраќаат на вработените, што не им прилега на титулата академик. Да им порачам дека секој што ќе врши притисок и ќе се заканува, ќе биде објавен со име и презиме, без разлика за кого станува збор и каква функција извршува во МАНУ“, рече претседателот на УПОЗ, Трпе Дејановски.
Тој јавно го потсети раководството на МАНУ дека со спогодбата, со која во март 2023 година штрајкот беше ставен во мирување, тие презеле обврска до 31 декември 2023 година да ги зголемат платите на вработените. Но, наместо поголеми плати за техничката служба, тие ангажираат адвокатски канцеларии и бараат надворешни ресурси од фирми што ќе ги заменат вработените.