Русија ја обвини денеска Украина за обид за напад врз нуклеарната централа Курск во вторникот вечерта, нарекувајќи го чинот „нуклеарен тероризам“, јавија британските медиуми додавајќи дека шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси ќе ја посети нуклеарната централа следната недела.
Нуклеарната централа се наоѓа во областа Курск во западна Русија и се состои од четири советски реактори RBMK-1000, од кои два се во функција. Изградбата на два нови реактори започна во 2018 година.
На 6 август Украина ја проби руската граница во областа Курск во обид да ја принуди Москва да ги пренасочи своите трупи од други фронтови, иако руските сили продолжија да напредуваат во источна Украина во последните денови.
Оттогаш на 30 километри од нуклеарната централа се водат жестоки борби.
Според последните информации што ги пренесоа руските медиуми, во близина на складиштето на потрошено нуклеарно гориво било соборено беспилотно летало, по што портпаролката на руското МНР, Марија Захарова изјавила дека станува збор за „чин на нуклеарен тероризам“ кој бара итна реакција од МААЕ.
Гроси, пак, повика на максимална воздржаност за да се избегне нуклеарен инцидент.
Руската државна компанија за нуклеарна енергија Rosenergoat објави дека единицата 4 на нуклеарната централа ќе биде затворена в недела поради „планирано превентивно одржување“ на 59 дена. Станува збор за модернизација и продолжување на работниот век на опремата.