Утрински Весник
Скопје

Иницијатива за субвенционирана исхрана на децата во општина Гази Баба

Img 6378.webp.webp

Покрената е граѓанска иницијатива со која од Општина Гази Баба се бара да воведе субвенција од 1.000 денари месечно за оброк за секое дете во јавните детски градинки и основните училишта на нејзина територија. Целта е да се намалат финансиските трошоци на родителите и да се обезбеди конкретна поддршка за семејствата во услови на зголемени животни трошоци.

Иницијативата е објавена на платформата Change.org на 13 октомври, а нејзин покренувач е Миралем Јукиќ. Со петицијата се бара локалната самоуправа да преземе конкретни мерки за субвенционирање на детската исхрана, при што финансиската помош би ги опфатила и децата во градинките и учениците во основните училишта.


Според предлагачите, секое семејство има редовни месечни трошоци за исхрана на децата, а во услови на поскапувања, субвенција од 1.000 денари по дете би претставувала значително олеснување на семејниот буџет.

Со предложената мерка, едно семејство би можело да добие поддршка од 12.000 денари годишно за едно дете, односно 24.000 денари за две деца, доколку субвенцијата се исплаќа во текот на сите 12 месеци.

Иницијаторите предлагаат истиот износ да важи за сите опфатени деца, без разлика дали посетуваат јавна детска градинка или основно училиште.

Во петицијата се наведува дека, доколку буџетските можности на Општината не дозволуваат мерката веднаш да се спроведе во целост, таа би можела да се воведува постепено.

Од локалната самоуправа се бара да ја разгледа и усвои иницијативата, да ги предвиди потребните финансиски средства во општинскиот буџет и соодветните програми, како и јавно да се произнесе за можностите за нејзина реализација.

Иницијаторите сметаат дека грижата за децата и финансиската поддршка на семејствата треба да бидат меѓу приоритетите на Општината, особено во период кога трошоците за основните животни потреби претставуваат сè поголем товар за домаќинствата.

Тие нагласуваат дека барањето не претставува привилегија, туку предлог за конкретна мерка што би им помогнала на семејствата со деца и би придонела за подобри услови за најмладите жители на Гази Баба.

Петицијата е достапна за потпишување преку платформата Change.org, каде што граѓаните можат да ја поддржат иницијативата. При проверката на страницата беа евидентирани 98 потврдени потписи.

Засега станува збор за граѓански предлог, а не за усвоена општинска мерка. Дали субвенционираниот оброк ќе стане дел од програмите на Општина Гази Баба ќе зависи од одлуката на локалната самоуправа и од расположливите буџетски средства. 

Можете да прочитате

„Призма“: Коњи шетаат низ Скопје, институциите чекаат инцидент

Герасимовски: Редовна есенска дератизација во Центар, опфатени 2.000 шахти

Денес имавме среќа, но што ако утре некое дете го нема? – три кучиња нападнале мајка и 7-годишна ќерка во Скопје