Утрински Весник
Македонија

Левица: Преспанското езеро пред еколошки колапс – Владината негрижа го продлабочува проблемот

Img 20240711 095117 250.jpg

Преспанското Езеро се соочува со страшна еколошка катастрофа која бара итно внимание! Пред една година, Левица јавно предупреди за сериозните ​​​проблеми со кои се соочува ова природно богатство. Денес, за жал, констатираме дека проблемот не само што не е решен, туку и се влошува!  Неодговорноста и незаинтересираноста да се спаси Преспанското Езеро од страна на надлежните институции и власта, дополнително ја влошуваат состојбата.

Езерото го доживува најкритичното намалување на нивото на водата што е некогаш забележано, предизвикувајќи непоправлива штета на неговиот деликатен екосистем.

Последиците се катастрофални: нивото на водата е намалено за повеќе од 9 метри, волуменот на езерото за 50%, а крајбрежната линија се има повлечено за 3,5 километри. Како резултат, мочуриштата се исушени, чистата и богата со кислород вода е сведена на минимум, а концентрациите на сулфати и пестициди достигнуваат опасни нивоа.

Власта повторно не успеа да ги реши суштинските прашања поврзани со управувањето со водите во Преспанското Езеро. Отсуството на сеопфатни стратегии за планирање и управување за целиот слив се издвојува како очигледен и најголем проблем, а за решавање на истиот нема апсолутно никаков сигнал од страна на новата Влада предводена од ДПМНЕ и ЗНАМ.

Еден од клучните проблеми е бројот на пумпни станици во сливот на Преспанското Езеро, а нивниот број продолжува неконтролирано да расте. Овие човечки активности директно придонесуваат за исцрпување на резервоарот на подземна езерска вода, влошувајќи го севкупниот пад на нивото на езерото. Податоците од мониторингот укажуваат на тоа дека акумулацијата на органска материја на дното на езерото се зголемува секоја година. Тоа го осиромашува растворениот кислород во длабоките води, што дополнително ја загрозува деликатната рамнотежа на езерото.

За да се спаси лошата состојба на Преспанското Езеро, треба итно да се спроведат неколку препораки:

1.      Прво и основно, потребно е строго да се контролира и ограничи количеството на вода што се извлекува од Езерото за наводнување и за други потреби. Ова ќе спречи дополнително намалување на нивото на водата и ќе помогне во зачувувањето на водниот баланс на Езерото.

2.      Потребно е подобрување на хидролошкиот и метеоролошкиот мониторинг и во сливот и директно на самото езеро. Со собирање точни и ажурирани податоци може да се донесат правилни одлуки и да се преземе брза акција за ублажување на кризата.

3.      Треба да се воведе строга регулација на употребата на нитратни ѓубрива, со посебен акцент на контролирање на применетите количини. Употребата на мали, контролирани дози може значително да го намали штетното влијание врз екосистемот и да помогне во зачувувањето на квалитетот на водата во Преспанското Езеро.

Неспроведувањето на препорачаните мерки за подобрување на состојбата ќе го остави езерото во исклучително ранлива состојба. Од исклучително значење е да се преземат брзи активности за заштита на овој непроценлив природен ресурс од понатамошна деградација и да се обезбеди одржлива иднина за Преспанското Езеро и неговиот околен екосистем.

Левица останува посветена на заштитата на нашето природно наследство и ќе продолжи да реагира и да се бори против еколошките закани што ја загрозуваат нашата животна средина.

Можете да прочитате

Уништување на македонското знаме предизвика бурни реакции во јавноста

СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме

ВМРО ДПМНЕ: Арсовска е креаторот и изворот на хаосот во јавните претпријатија и во Градот Скопје