Во пресрет на пресметката со португалската репрезентација, капитенот на Франција, Килијан Мбапе е оптимист.
Во петок навечер, светските шампиони од 2018 година ќе ги одмерат силите со европскиот шампион од пред 8 години во четвртфинален дуел на ЕП 2024.
Логично, акцентот паѓа на пресметката помеѓу новиот напаѓач на Реал Мадрид и поранешниот, Кристијано Роналдо, кој треба да го предводи нападот на „морнарите“.
Тие двајца често се споредувани, но Мбапе не сака да биде така.
-Чест е да се знае Кристијано. Тој е единствен, никогаш нема да има друг како него. Имам огромна почит кон Роналдо. Тој останува легенда, но се надевам дека сега ќе победиме, изјави францускиот интернационалец на прес-конференција.
Сепак, Мбапе вели дека не му завидува.
– Морам да го следам мојот пат и се надевам дека ќе напишам нова голема страница во историјата на Реал Мадрид, но таа ќе биде различна од неговата, порача Французинот.
Мбапе потоа се фокусираше на претстојниот натпревар од ЕП 2024.
-Кои се нашите шанси за титулата? Не можам да ја предвидам иднината. Досега успеавме да ги надминеме сите пречки и амбициозни сме да победиме. Во моментов сме фокусирани на Португалија. Европското првенство е неизвесно. Има многу силни екипи и натпреварите ќе ги решаваат деталите. И Португалците досега се потрудија максимум. Сепак, сакаме билет за полуфинале и подготвени сме за тоа, истакна напаѓачот на „кралевите“.