Утрински Весник
Свет

Што содржи пактот меѓу Русија и Северна Кореја?

Putin I Kim Dzong Un.jpg

Северна Кореја и Русија ветија дека ќе си пружат итна воена помош во случај некој од нив да биде нападнат, се вели во текстот на историскиот договор што денеска го објави Пјонгјанг по посетата на рускиот претседател Владимир Путин.

Во исто време, Јапонија и Јужна Кореја изразија загриженост за договорот, Белата куќа се уште не коментира, додека генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека пактот покажува дека авторитарните сили ги здружуваат силите.

Неколку часа по пристигнувањето на Путин во неговата следна дестинација, Виетнам, севернокорејските државни медиуми го објавија „Сеопфатен договор за стратешко партнерство“, што практично го оживува договорот за заемна одбрана од 1960-тите.

Детали за договорот

Договорот, кој Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го потпишаа во средата, претставува еден од најзначајните потези на Москва во Азија во последниве години. Путин минатиот месец ја посети Кина, веднаш откако по петти пат положи заклетва како руски претседател.

„Доколку на едната страна и се заканува вооружена инвазија и е во воена состојба, другата страна веднаш ќе ги искористи сите расположливи средства за да обезбеди воена и друга помош во согласност со член 51 од Повелбата на Обединетите нации и со законите на секоја земја“, се вели во четвртиот член од договорот.

Членот 51 од Повелбата на ОН го гарантира правото на земјата-членка да дејствува индивидуално или колективно во самоодбрана.

Како договорот ќе влијае на руската војна против Украина

Ким ја повтори изјавата на Путин која експлицитно го поврзува нивното зајакнување на врските со борбата против „хегемонистичката и империјалистичка“ политика на Западот, а особено на Соединетите Држави, вклучително и нејзината поддршка за Украина.

Не е јасно како договорот ќе влијае на руската војна против Украина, која започна со инвазијата во февруари 2022 година, пишува Ројтерс.

Вашингтон и Сеул се повеќе се вознемирени од продлабочувањето на воените врски меѓу Русија и Северна Кореја и ги обвинија за кршење на меѓународното право во врска со трговијата со оружје што Русија ја користи во Украина.

Украинските власти соопштија дека пронашле остатоци од севернокорејски ракети во нивната земја.

Русија и Северна Кореја негираат трговија со оружје.

Повеќе детали од договорот

Договорот на лидерите на двете земји, кои се соочуваат со зголемена меѓународна изолација, дојде откако САД и нивните азиски сојузници изразија загриженост за степенот до кој Русија ќе ја поддржи Северна Кореја, единствената земја што тестираше нуклеарно оружје овој век.

Во текстот на договорот се наведува и дека ниту една страна нема да потпише договор со трета земја што би ги загрозила интересите на другата и дека нема да дозволи нејзината територија да биде искористена од која било трета земја за да ја поткопа безбедноста и суверенитетот на другата , објави севернокорејската новинска агенција КЦНА.

Двете земји заеднички ќе преземат мерки за „зајакнување на одбранбените капацитети за да се спречи војна и да се обезбеди регионален и меѓународен мир и безбедност“, соопшти новинската агенција КЦНА.

Јапонија е сериозно загрижена

Јапонија изрази „сериозна загриженост“ поради ветувањето на Путин дека нема да ја исклучи соработката со Пјонгјанг на полето на воената технологија.

Јужна Кореја соопшти дека жали што договорот содржи ветување за „воено-технолошка соработка“, што ќе ги прекрши резолуциите на Советот за безбедност на ОН за програмите за оружје на Северна Кореја.

Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак изјави дека Русија, постојана членка на Советот за безбедност на ОН, дозволила „најбесрамното откажување“ на сите санкции наметнати на Северна Кореја за да го запре развојот на оружјето.

Во својата прва посета на Пјонгјанг од 2000 година, Путин му се заблагодари на Ким за неговата поддршка за руската политика, а Ким ја потврди „безусловната“ и непоколеблива поддршка за „сите политики на Русија“, вклучително и војната на Путин против Украина.

КЦНА во четвртокот го објави целосниот текст на договорот, кој предвидува и соработка во областа на нуклеарната енергија, истражувањето на вселената, храната и енергетската безбедност.

Можете да прочитате

Убиен e лидерот на Хезболах, соопшти израелската армија

Ураганот во САД однесе 44 животи, речиси 5 милиони граѓани без струја

Путин веќе ја ескалира својата војна против Западот