Утрински Весник
Македонија

Петровска потврди за Телма: Официјално е кандидат за претседател на СДСМ

Img 8560 1.jpeg

Досегашната министерка за одбрана Славјанка Петровска потврди и официјално дека ќе биде кандидат за нов претседател на СДСМ. Таа во писмен одговор до Телма телевизија соопштува дека ја официјализирала кандидатурата пред сопартијците во Тетово, во 6-тата изборна единица, каде што таа беше кандидат и стана пратеник.

-Се уште не е почната постапката за кандидирање, но денес имав средба со кандидатите за пратеници на СДСМ за ИЕ 6 и општинските штабови и им потврдив дека ќе се кандидирам за Претседател на СДСМ, затоа што во сериозни и предизвикувачки времиња како сега потребна е решителност и носење одлуки. Изминатите години сите одговорни задачи кои ми беа доверувани ги извршував одговорно и посветено и сум подготвена да го превземам товарот кој го носи потребата од реформа на СДСМ, единство и фокус на идеологијата. На СДСМ му треба силно, мотивирано и обединето членство, а на Македонија и треба силен СДСМ, ни одговори Петровска во пишана изјава.

Петровска од вчера е пратеник и потврди дека веќе не е во министерството за одбрана. Службениот автомобил е вратен, а по полициско-безбедносна проценка, таа и понатаму ќе има обезбедување.

По поразот на изборите (СДСМ со коалицијата освои само 18 мандати), Ковачевски поднесе оставка, а партиските органи го закажаа конгресот за избор на нов претседател за крајот на јуни.

Освен Петровска, аспирации за партиско лидератво искажаа и Јован Деспотовски, Стефан Богоев, а се спомнува и името на поранешниот министер за здравство Венко Филипче како можен кандидат за нов претседател на СДСМ.

Можете да прочитате

Тешко повреден малолетен пешак во Куманово по удар на автомобил

Пожар во паркирано возило во Дебар

Влада: Не е именуван в.д. заменик на директор на КПД Идризово