Утрински Весник
Свет

Руското Министерство за одбрана тврди: Руската армија презеде контрола над пет населени места во регионот Харков

Rusija Vojska.png

Руската армија ја презеде контролата врз населбите Борисовка, Огурцово, Плетенјовка, Пиља и Стрелечја во областа Харков, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

„Армиските единици од групата ‘Север’ ги ослободија населените места како резултат на акциите“, соопшти Министерството, пренесува „РИА Новости“.

Дополнително, се додава дека руската единица поразила четири украински бригади.

„Загубите на непријателот во еден ден изнесуваат 170 војници, три оклопни борбени возила и четири други возила“, нагласуваат од руското Министерство за одбрана.

Исто така, армијата уништила неколку парчиња украинско тешко оружје, посочува Москва.

Украинската страна не ги коментираше овие наводи.

Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека продолжуваат одбранбените битки во регионот Харков против обидите на руските сили да извршат офанзивни акции и да напредуваат подлабоко на територијата на Украина.

Руските сили вчераутро се обиделе да ја пробијат одбранбената линија на украинската армија во областа Харков, а биле испратени резервни единици за зајакнување на одбраната во тој сектор на фронтот, наведува Униан.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно изјави дека руските трупи се обиделе да ги прошират операциите против Украина во регионот Харков.

Врховниот командант на вооружените сили на Украина, Олександр Сирски, синоќа до Зеленски поднесе извештај за состојбата на фронтот, одбраната и зајакнувањето на позициите, особено во регионот Харков и во правец на Часово Јар.

Можете да прочитате

Лавров: Зеленски и Кулеба зборуваат спротивно за перспективата на преговорите со Русија

Блинкен се сретна со својот кинески колега Ванг Ји во Лаос

Евакуирана железничката станица Сен-Шарл во Марсеј поради оставен багаж