Утрински Весник
Балкан

Мицотакис во пресрет на средбата со Ердоган: Подобро е да разговараме, отколку да сме со прстот на чкрапалото

20240511122347 Big 730x400 48.webp.webp

Грчко-турските односи влегоа во помирни води и потребно е да постојат отворени канали со Турција, истакна премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис во интервјуто за грчката телевизија Алфа во пресрет на средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и порача дека е подобро да разговараат, отколку да се со прстот на чкрапалото, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер в понеделник ќе биде во Анкара каде што ќе се сретне со турскиот претседател, што воедно е и возвратна средба по посета на Ердоган на Атина во декември минатата година.

-Мнозинството граѓани ја препознаваат потребата да постојат отворени канали со Турција. Подобро да разговараме отколку да бидеме со прстот на чкрапалото. Од географијата сме осудени да се обидуваме да наоѓаме решенија и да гарантираме мирен соживот без непотребни тензии, како оние што за жал ги имавме три години, а работите се чини дека се избалансирани од почетокот на минатата година и се чини дека грчко-турските односи влегоа во помирни води и според тоа, не треба да биде толку голема вест тоа што две соседни земји имаат комуникација и лидерите, турскиот претседател и грчкиот премиер се сретнуваат редовно, рече Мицотакис.

Објасни дека постојат различни позиции од двете страни, истакна дека Грција нема да отстапи од црвените линии, секогаш водејќи се од меѓународното право, но и потенцираше дека тоа што за одредени прашања постојат несогласувања, не значи дека не треба да разговараат.

Истакна дека постојат придобивки од добрата клима со Турција, како пример посочи дека над 12 месеци нема прекршувања на грчкиот воздушен простор, „нешто што се случува првпат по 1974 година“, но и дека е подобрена ситуацијата во мигрантското прашање.

-Во 2019 година на островите во источниот дел на Егејското море главен проблем беше бегалското/ мигрантското прашање. Ова во голема степен е решено. Наместо нелегални мигранти, сега на овие острови имаме легални туристи, бидејќи постигнавме договор со Европската Унија да издаваме експресни визи на турски туристи на десет влезни точки на островите во источниот дел на Егејското море. Ова е особено важно за овие острови, рече Мицотакис.

За одлуката на турските власти манастирот Хора да го претворат во џамија, Мицотакис коментираше дека беше „непотребен и во одреден степен провокативен чин“, посочи дека ќе биде една од темите за кои ќе разговара со Ердоган во обид да разгледа дали може да се повлече одлуката и истакна дека не е прашање што се однесува „само на грчко-турските односи, бидејќи манастирот Хора е споменик на светското културно наследство“.

Можете да прочитате

Драма на лет за Сплит: Maж се обидел насилно да влезе во пилотската кабина и се заклучил во тоалетот

Уапсен маж кој од воздушна пушка застрела момче во парк во Белград

Лицата кои се превезувале во малиот авион што се урна кај Загреб се хрватски државјани