Утрински Весник
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја укине давачката од 200 денари за пристап на мрежа на струја

Img 4528.jpeg

Елена Маркова истакна дека во изминатите години, ВМРО-ДПМНЕ интензивно работеше за да изготви програма за развој на енергетиката која што ќе значи развиена енергетика која после тоа ќе повлече и развиена економија на државата, посочувајќи дека првата работа на која што ВМРО-ДПМНЕ детално ќе посвети внимание е јакнење на енергетскиот сектор, посебно на компаниите во државна сопственост.

„Се обврзуваме дека прво што ќе направиме ќе ја укинеме онаа давачка од 200 денари за пристап на мрежа, која што е незаконска и е воведена од власта во заминување, на почетокот од оваа година. Верувам дека со ова значително ќе се подобри домашниот буџет на секое домаќинство. Се обврзуваме дека ќе изградиме државни енергетски капацитети за производство на електрична енергија.

Втора многу важна работа, се обврзуваме дека ќе ја модернизираме РЕК Битола, кој што е постоен капацитет и кој што во последните години беше заборавен и ставен на маргините како извор криминални тендери. Нашата цел е РЕК Битола и технички и технолошки да го модернизираме, да ги подобриме перформансите на производство, меѓутоа и да го намалиме загадувањето.

Исто така, планираме отворање на рудникот Живојно со вел, додека е технолошкиот векот на траење на оваа постројка, да може да користиме наш домашен јаглен, кој што е со извонреден квалитет, со оглед на техничките перформанси на постројката. Се обврзуваме да го модернизираме и ТЕЦ Осломеј за што, уште во првите сто дена ќе одлучиме на кој начин, дали ќе премине како постројка на гас, дали ќе работи на домашниот јаглен или пак ќе работи на увозен јаглен“, истакна Маркова која додаде дека одржливата, базна и домашна енергија ќе биде приоритет на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Можете да прочитате

Силјановска – Давкова: Стево ми ѕвонел, ама телефонот сум го оставила дома

Морачанин си поднесе оставка од претседател на ДОМ

По повикот на Битиќи и Костадинов си поднесе оставка од СДСМ