Утрински Весник
Македонија

Тренчевска го демантира Велковски: Штом ќе се утврди дека корисникот дал лажни информации за имот, правото од социјална заштита се укинува, а средствата се враќаат

Trencevska Velkovski.jpg

„Набрзо деновиве ќе ги имаме конкретните записници по овие констатирани податоци” вака заврши непотребната и лажна прес-конференција на техничкиот министер Велковски за информации кои не се плод на неговата работа, се вели во демантот на заменик министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска

Во него се вели дека повторно министерот без да има конкретни информации со завршени записници, факти и докази излегува во јавност и се користи со лажни обвиненија, кои инаку се дел од информациите на тековно работење на министерството.

Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски денеска информираше дека добил сознанија за злоупотреби на системот за социјална заштита со кои, според првичните информации, на 2.252 лица незаконски им биле исплаќани средства за социјална помош како и за социјална пензија иако не ги исполнувале условите.

Тренчевска во демантот вели дека уште во јануари потпишала меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи за размена на податоци за поседување на моторно возило во реално време.

„Ваквиот меморандум кој стапи на сила од февруари е мерка за превенција од злоупотреба на системот за социјална заштита. Конкретно Велковски се служи со информации кои се дел од транспарентните одлуки на Тренчевска. Тука не се работи за непостапување на службениците од социјална заштита, туку за замајување на јавноста со нерелевантни податоци и засенување на видливите резултати од одлуките донесени од страна на СДСМ.

Пред потпишувањето на меморандумот, податоците со МВР беа разменувани на месечно ниво со доставување на барање за проверка на информациите. Според Законот за социјална заштита секогаш кога ќе се утврди бесправна исплата на правата од социјална заштита, лицата ги враќаат средствата. Истата пракса ќе се спроведе ако министерот најде какви било неправилности за исплата на Гарантирана минимална помош и социјална пензија.
До денес во секој случај каде е утврдено дека корисникот дал лажни информации за поседување на имот, правото од социјална заштита се укинува, а корисникот го враќа добиениот паричен надоместок.

Изминатите 50 дена, министерот Велковски со јавноста не сподели ниту еден релевантен статистички податок, ниту еден факт и ниту една теза до денес не ја одбрани со аргумент. Вакви се кадрите на ДПМНЕ, без решенија и без конкретни знаења“, пишува во демантот на Тренчевска.

Можете да прочитате

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи