Утрински Весник
Македонија

Носителите на листи и кандидатите за пратеници на СДСМ ќе бидат познати на конгрес последната недела месецов

Picture 743 660x411 1.jpg

Носителите на листи и кандидатите за пратеници  ќе бидат познати на конгрес на почетокот на последната недела од месецов, изјави лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања на настан во Хиподром.

-Веќе информирав дека во СДСМ тече постапката согласно правилникот за кандидирање кандидати за парламентарните избори и според она што е усвоено на Централниот одбор сметам дека и носителите и кандидатите за пратеници ќе бидат познати на јавноста преку одржување конгрес на почетокот на последната недела од овој месец, рече Ковачевски.

Додаде дека носители на листи ќе бидат искусни партиски кадри, членови кои и во минатото извршувале високи позиции во партијата, како и високи позиции во државата.

-Сметам дека истото ќе се однесува и на кандидатите за пратеници во сите изборни единици.

Меѓутоа, не би сакал сега да шпекулирам пред да се носат одлуките и на ИО и на ЦО и секако на конгресот кој ќе се одржи некаде на почетокот на последната недела на месец март, кажа Ковачевски.

На новинарско прашање зошто се откажале од поддршка на законот за игри на среќа, и дали тоа значи дека нема да има коалиција со ДУИ, вели дека не сугерира на пратениците како да гласаат.

– Сите мои изјави во однос на кој било закон се јавно достапни, така што колку јас сум бил гласен или помалку гласен тоа е достапно на јавноста и може да цени, а можете и вие да цените.

Тој закон доби колку што знам при второто гласање 51 глас што значи дека имало 51 пратеник коишто гласале за него без разлика од која политичка партија доаѓаат.

Меѓутоа, тоа е недоволно согласно со нашиот Устав бидејќи при суспензивно вето треба да има 61 глас, така што во однос на гласањето на пратениците ќе мора да се обратите до сите пратеници, до сите политички партии коишто учествуваат во Парламентот за да кажат, бидејќи јас еднаш ви имам кажано дека не сугерирам на пратениците како да гласаат во Парламентот бидејќи пратеник има суверено право како треба да гласа во однос на интересите на граѓаните и во однос на ставот којшто тие го застапуваат во нивно име во Парламентот, оцени тој.

Во однос на изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши дека „оној што ќе изгуби на изборите повеќе не би требало да се занимава со политика“, односно на потпрашањето дали ако СДСМ изгуби тој ќе се повлече од политика, Ковачевски кажа дека не ја слушнал изјавата и не може да коментира.

– Јас сум во СДСМ од 1994 година и од 1994 година досега СДСМ победувал на изборите, СДСМ имал и помалку успешни резултати на изборите и тоа се однесува на сите членови коишто од тоа време се во СДСМ.

Тоа е исто како да кажете дека ако на пример фудбалски тим изгуби натпревар тогаш сите тие фудбалери и тренери веќе никогаш да не се занимаваат со фудбал.

Навистина не сум ја слушнал изјавата и затоа не можам во детали да ја коментирам, кажа тој.

Меѓутоа, додаде, политичарите се занимаат со политика, тие нудат свои решенија, граѓаните оценуваат, проценуваат што е во нивни интерес и во одреден момент тие поддржуваат една политичка партија, подоцна поддржуваат друга политичка партија, на локално ниво поддржуваат една политичка партија, на државно ниво поддржуваат друга политичка партија.

Можете да прочитате

Мицкоски не бил импресоиниран од новото раководство на СДСМ

Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок, вели премиерот

Кривична пријава за поранешен министер за култура