Во своето излагање денеска на Меѓународната конференција „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“ во македонското Собрание, актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски, упати различни пораки од оние на неговата противкандидатка Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ.
Неодамна Гордана Силјановска Давкова истакна дека ако таа стане претседател на државата, ќе ги помилува осудените лица за насилството од упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
За разлика од Силјановска Давкова, Пендаровски смета дека пресудите за 27 април се „праведна сатисфакција“.
„Се реферирам на одлуките што Уставниот суд ги донесе во последниот период во однос на трагичните настани од 27 април 2017 година што се случија токму во оваа зграда. Освен нападот кон нашиот демократски уставен поредок и насилството кон пратеници, нападнати беа и новинарските екипи кои известуваа од конститутивната седница на Собранието. Во обид да се спречи мирна транзиција на власта, насилна толпа организирана од структури на тогашната власт нападна новинари во обид да ги спречат да ја известат јавноста за случувањата. Вашите одлуки со кои утврдивте повреда на правото на слободно изразување на мислата се праведна сатисфакција, не само за нападнатите новинари, туку и за целокупната демократска јавност во нашата држава“, порача Пендаровски на конференцијата.
Конференцијата е организирана од Уставниот суд по повод 60 години од неговото основање