Откако вчера заврши рокот за собирање граѓански потписи, седуммина кандидати се најдоа на списокот на Државната изборна комисија.
Сега таа ќе проверува колку од овие седум кандидати (пет мажи и две жени) ги исполнуваат останатите услови пропишани со Уставот и законите.
Очекувано е сите тие да го минат и последниот филтер и во првиот круг на гласачкото ливче да се најдат актуелниот претседател Стево Пендаровски како кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, понатаму Бујар Османи од ДУИ, Арбен Таравари од коалиција ВРЕДИ, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.
Седумте кандидатури покажуваат зголемен интерес кај партиите за функцијата што до вчера ретко кој ја сметаше за најважна во државата, но сепак интересот со кандидатури има инаква заднина од придобивките од функцијата Претседател.
Резултатот од првиот круг како стартна позиција на парламентарните избори
Првиот круг претседателски избори ќе биде еден вид квалификациска трка (говорејќи со жаргон на Формула Еден) за тоа кој ќе настапи од пол позицијата на парламентарните избори на осми мај, односно на ист ден со вториот круг од претседателските избори.
Речиси сите кандидати изразија уверување дека ќе влезат во вториот круг, но сите досегашни истражувања на јавното мислење укажуваат дека најголеми шанси да се најдат таму имаат Пендаровски и Силјановска Давковка, односно реприза на последните претседателски избори, кога Пендаровски со победа во вториот круг стана петтиот претседател на независна Македонија.
Онаа партија чиј кандидат ќе има водство во првиот круг, може да добие дополнителен ветер в грб за парламентарните избори, но кога станува збор за претседателските, таму ќе се почна од резултат 0:0, победа ќе однесе оној кандидат кој направил подобра стратегија, односно успеал да договори поширока поддршка надвор од коалициското гласачко тело.
Имајќи предвид дека оваа пролет имаме двојни избори и еден вид на блоковска поделеност меѓу партиите и коалициите, нема да биде изненадување да гледаме некои невообичаени соработки, да сведочиме истовремени договори и кавги (едни за претседателски другите за парламентарните избори) а она што некогаш се викаа неприродни коалиции помеѓу некои партии, веќе извесно време се македонска политичка реалност.
ЗНАМ, ГРОМ и Нова Алтернатива на Арсовска, како Фактор Икс на претседателските избори?
Отпишувајќи од какви било шанси да влезат во вториот круг на претседателските избори, јавноста, медиумите, аналитичарите, веќе почнаа да лицитираат на кој кандидат Стевчо Јакимовски и Максим Димитриевски „ќе ги подарат“ гласовите од првиот круг од претседателските избори.
Тука, секако иако подзаборавена од метежот со кандидатурите, треба да се спомене и градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и нејзината партија Нова Алтернатива, која не учествува на претседателските, но многу веројатно е да настапи макар во две изборни единици (Кецот и Двојката) на парлментарните избори.
Тука веќе се отвораат многу равенки но и посложени математички операции, имајќи предвид дека секој првенствено ќе се бори за себе, а потоа и против секој што е потребно за да се добие глас и пратенички мандат повеќе.
Како и да е, политичката атмосфера во државата се повеќе се загрева, а првиот круг од претседателските избори, не само што нема да биде финалето, туку ќе биде своевидна најава за политичкото крешчендо на осми мај.