Брод со 2.737 тони хуманитарна помош замина денеска од јужната турска провинција Мерсин кон појасот Газа кој е зафатен од војната, во координација предводена од турската Црвена полумесечина.
Пратката, меѓу другото, содржи пакети со храна, вода, брашно, облека, средства за хигиена, шатори, вреќи за спиење, ќебиња, материјали за засолниште и медицински материјали, објави турскиот јавен сервис ТРТ.
На церемонијата пред поаѓањето на стоката во Газа, претседателката на Црвената полумесечина на Турција, Фатма Мерих Јилмаз, рече дека помошта ќе пристигне во египетското пристаниште Ал-Ариш, од каде што ќе биде натоварена на камиони за наменета дестинација.
Турција досега испрати помош во 12 авиони и шест бродови за палестинскиот народ во Појасот Газа.