Во прилог ја споделуваме реакцијата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопнство, Љупчо Николовски во врска со објавата на социјалните мрежи кај дополнителниот заменик министер Цветан Трипуновски, дека „Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги раскинало договорите за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, наместо да ги продолжи”.
Во интерес на точно информирање на јавноста во однос на постапката за продолжување на договорите за закуп, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство известува дека согласно одредбите од Законот за земјоделското земјиште постапката е како што следи:
- Поднесување на барање од страна на закупецот до Министерството во рок од шест месеци пред истекот на времетраењето на договорот за закуп
- Донесување на решение за престанување на важноста на договорот, со тоа што договорот престанува да важи со истекот на времето за кој што е склучен
- Предавање/одземање на владението на земјоделското земјиште предмет на договорот за закуп
- Доставување на предлог одлука до Владата на Република Северна Македонија за давање на согласност за склучување на нов договор за закуп со непосредна спогодба
- Донесување на Одлука за давање на согласност за склучување на договор за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост со непосредна спогодба од страна на Владата на Република Северна Македонија
- Склучување на нов договор за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
- Стапување на сила на договорот со воведување на закупецот во владение
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира да не се користат лаги и дезинформации со кои што се прави обид за манипулација со земјоделците.
„Потребно е пратениците од опозицијата итно да ја закажат Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство во Собранието, го стават законот на дневен ред и ги гласаат измените и дополнувањата на Законот за земјоделското земјиште со цел решавање на правото на аплицирање за субвенции на 200 земјоделски стопанства на кои во периодот на изборен просец ќе им престанат договорите за закуп.” , изјавуваат од Министерството.