Утрински Весник
Македонија

„Престани да ме удираш“ – Стојановиќ сведочи за врсничко насилство на паркинг во Аеродром

Img 8935.jpeg

Ива Стојановиќ во објава на Фејсбук раскажа дека денеска, 23 ноември, околу 11:30 часот, интервенирала откако видела како едно момче удира друго на паркингот пред „Супер Тинекс“ кај Кончар. Според нејзиното сведоштво, група деца навивале, додека присутните возрасни не реагирале.

Стојановиќ вели дека првично забележала дека двете момчиња се туркаат. Набргу, едното почнало да го удира другото, кое се повлекувало и го молело да престане. Таа излегла од автомобилот, се стрчала кон момчето што удирало и го повлекла за ракав. Кога го прашала што прави, тој ѝ одговорил дека се шегуваат, по што таа му рекла дека ќе повика полиција.


Според објавата, момчето кое било удирано било видно вознемирено и имало црвенило на лицето. Ѝ кажало дека уште на училиште му било речено „ќе видиш на голем одмор“. Стојановиќ му предложила да остане со неа и заедно да го пријават случајот. Момчето ја замолило да не повикува полиција, ѝ рекло дека мора да се врати на часови и дека ќе се обрати кај училишниот педагог.

Стојановиќ наведува дека во тој момент им пришло друго момче од групата, кое му рекло на ученикот да си оди со нив и да не пријавува во полиција. Кога таа му се спротивставила, момчето ја прашало: „Знаеш ли кој ми е татко?“

Пред да си замине, ученикот се вратил кај Стојановиќ и тивко и рекол: „Фала ви што ми помогнавте“.

Во објавата, Стојановиќ ги критикува возрасните што, според неа, го виделе насилството и го свртеле погледот. Таа посочува дека инцидентот се случил среде бел ден, на полн паркинг, и порача дека врсничкото насилство бара реакција и од луѓето што му сведочат. На крајот наведе дека е подготвена да сведочи доколку родителите на момчето одлучат да го пријават случајот.

Можете да прочитате

Интензивно врне снег на Стража

Филипче се сретна со Рама во Битола – без македонско знаме во кадарот

Мицкоски: И да си замине Димитриевски, имаме повеќе од 61 пратеник